Трамп за средбата меѓу Бајден и Путин: Ѝ дадовме многу простор на Русија, а не добивме ништо

од Stefanija Kuzmanovska

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп не го поддржа американско-рускиот самит, нарекувајќи го состанокот на американскиот претседател Џо Бајден и рускиот претседател Владимир Путин во Женева „добар ден за Русија“.

Поранешниот претседател, кој своевремено рече дека му верува повеќе на Путин отколку на американските разузнавачки агенции, за „Фокс њуз“ изјави дека Бајден му подари подарок на рускиот лидер, давајќи му главна улога на глобалната сцена.

„Не добивме ништо. Ние ѝ дадовме многу простор на Русија и не добивме ништо“, рече Трамп во средата.

„Тоа беше добар ден за Русија“, додаде Трамп. „Не гледам што постигнавме со тоа“.

Со Трамп се согласија и неговите републикански сојузници, кои сметаат дека Путин не направил некои поголеми отстапки на состанокот во женевската вила Ла Гранж, кој траеше помалку од три часа.

Трамп се состана со Путин во Хелсинки во 2018 година, а подоцна одржа заедничка конференција со него за да го одбрани Путин од обвинувањата за вмешаност во претседателските избори во 2016 година.

Покрај тоа, Трамп се оддалечи од долгогодишната американска политика кога трипати се состана со севернокорејскиот диктатор Ким Јонг Ун, а за возврат не доби ништо.

Бајден и Путин во средата се обидоа да одржат позитивен тон на разговорите, нарекувајќи ги конструктивни, иако многу работи не беа договорени.

Претседателите се согласија дека разговорите за контрола на нуклеарното оружје и враќањето на амбасадорите во Вашингтон и Москва треба да продолжат и ветија дека ќе работат на размена на затвореници.

Слични содржини