ТРАНСФЕР БОМБА: Левандовски премина во Барса!

од Vladimir Zorba

Конечно заврши сагата околу трансферот на Роберт Левандовски во Барселона! По осум години полскиот напаѓач го напушта Баерн и преминува во редовите на Каталонците, што беше голема желба на тренерот Чави Ернандез.

Како што пренесува најпознатиот фудбалски инсајдер за трансфери, италијанскиот новинар Фабрицио Романо, Баерн конечно се согласил да го продаде својот напаѓач за 50 милиони евра, со дополнителни клаузули.

Понудата испратена од Барса е прифатена, додека Левандовски веќе постигнал договор со Барса околу личните услови.

Целиот трансфер беше посредуван од еден од најмоќните фудбалски агенти, Пини Захави, кој беше назначен како „клучен играч“ за реализација на овој трансфер.

Сега само ја чекаме официјалната потврда од клубовите, која се очекува наскоро.

Барселона во овој преоден рок веќе ги доведе Франко Кеси од Милан и Андреас Кристенсен од Челси како слободни играчи, како и Бразилецот Рафиња од Лидс кого го платија 58 милиони евра, па Левандовски ќе биде четвртото засилување, а секако и најмоќното.

Исто така, Барса го продолжи договорот со Усман Дембеле, па следната сезона со ваков напад ќе биде страв и трепет за сите одбрани.

Левандовски беше најдобар стрелец во Европа минатата сезона, постигнувајќи 50 гола на 46 натпревари за Баерн во сите натпреварувања, а имаше и седум асистенции.

Слични содржини