Тренчевска: Преку економски и социјални политики го подобруваме квалитетот на живот на старите лица

од Берта Китинска

Како Влада и како Министерство, грижата за највозрасната категорија на граѓани е наш приоритет и одговорност. Тоа се рефлектира низ носење на нови законски решенија, мерки и социјални услуги со кои придонесуваме во подобрување на квалитетот на живот на старите лица, посочи министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска на денешната панел дискусија организирана од Владата на Бугарија и Регионалната канцеларија на Фондот за население на ОН (УНФПА).

Дискусијата е на тема „Зајакнување на демографската отпорност преку искористување на можностите од стареењето на населението”, а учеството на министерката е во рамки на дводневна министерска конференција во Рим, Италија, во организација на УНЕЦЕ, Постојаната работна група за стареење на УНЕЦЕ и Владата на Италија.

Во своето излагање министерката се осврна на социјалните и економски политики кои држава ги реализира, а имаат за цел подобрување на квалитетот на живот на старите лица.

Во таа насока, Тренчевска ја посочи измените во Законот за пензиското и инвалидското осигурување, со кои се воведе нова методологија на усогласување на пензијата преку комбиниран модел од 50 отсто пораст на просечната плата и 50 отсто пораст на трошоци на живот.

-Според првичните анализи, усогласувањето ќе придонесе кон раст на пензиите над 6% и ќе придонесе кон подобро усогласување на висината на пензиите со трошоците за живот. Покрај новата методологија во време на криза беше обезбедена и финансиска поддршка во период од три месеци, за околу 330.000 пензионери, соопштија од Министерството.

Слични содржини