Тренчевска: Се залагаме за создавање на похумано општество во кое сите граѓани имаат еднакви права, можности и третман

од Берта Китинска

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска заедно со градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски ги посети домовите на двајца корисници на услугата помош и нега во домот и притоа доделија решенија за користење на оваа услуга, преку Проектот Сервис за стари- „Центар се грижи за возрасните“.

„Грижата за граѓаните, со посебен акцент на ранливите категории на граѓани е врвен приоритет на Владата и Министерството за труд и социјална политика. Во таа насока, креираме политики, стратегии, преземаме мерки за поддршка на оние граѓани на кои помошта им е неопходна. Затоа што секој еден граѓанин има право на достоинствен живот“, рече министерката.

„Проектот оваа година започна од 12.05.2022 година, од кога и ги примаме барања за доделување субвенција, а ќе трае се до исцрпување на финансиските средства предвидени за оваа намена во Буџетот на општината. Сите детали како услови, начин и потребна документација за аплицирање, граѓаните можат да најдат во јавниот повик, објавен на веб страната на Општина Центар“ изјави Градоначалникот на Општина Центар.

Градоначалникот ги повика сите граѓани кои имаат потреба од нега во домашни услови да поднесат барања и станат корисници на помош од медицински лица, физиотерапевти, негуватели, социјални работници и психијатри во своите домови.

Тренчевска додаде дека на околу 90 стари лица над 60 години возраст кои се жители на Општина Центар, ќе им биде обезбедена помош и поддршка во секојдневните обврски од страна на негователи, како и услуги од физиотерапевт, медицинска сестра и психолог.

„Со децентрализацијата социјалните услуги ги приближуваме до граѓаните во нивното место на живеење. Истовремено, ги ангажираме и тешко вработливите лица од заедницата кои низ процес на обука се здобиваат со лиценца за помош и нега во домот. Придобивките се двојни. Обезбедена помош и поддршка на оние на кои им е потребна и работна платена ангажираност и излез на тешко вработливите лица на пазарот на труд,“ изјави Тренчевска.

Министерката порача дека Владата на Република Северна Македонија и Министерството за труд и социјална политика неуморно се залага за создавање на похумано општество во кое сите граѓани имаат еднакви права, можности и третман.

Слични содржини