Трогателна снимка: Дете се обидува да ја разбуди починатата мајка во Индија (видео)

од Nikola Popovski

Снимка, на која се гледа како дете се обидува да ја разбуди својата почината мајка, чие тело лежи на железничката станица во источниот град Музафарпур, ја шокираше Индија и се прошири по социјалните медиуми.

Според извештаите на локалните медиуми, семејството на Арбина Катун изјавило дека жената починала од глад и дехидрираност, предупредувајќи на страдањата низ кои мигрантите минуваат низ карантинот.

Меѓутоа, локалната полиција соопштила дека жената починала од болест.

35-годишната жена е меѓу најмалку деветте работници мигранти кои починале на возовите во изминатите неколку дена додека патувале кон своите домови, јавуваат официјални лица и медиуми.

Милиони луѓе ги загубиле своите работни места

Локалните медиуми објавија видео од двегодишно момче како го влече телото на неговата мајка.

Оние кои патувале со жената тврдат дека причина за смртта е недостаток на храна и вода за време на патувањето со воз низ државата Гуџарат, која е долга приближно 1.800 километри.

За време на пандемијата на коронавирусот, милиони индиски мигранти ги загубиле своите работни места и се обиделе да дојдат до нивните домови.

Смртните случаи се случуваат на специјални возови, организирани од индиската влада, во обид да помогнат во транспортот на заглавените работници.

Критичарите велат дека возовите биле одложени, поради што мигрантите чекаат со денови на железничките станици на високи температури и при недостаток на храна и вода на нивните патувања, што Владата и Индиската железница ги негираат.

Почина и четиригодишно момче

Медиумите објавиле дека четиригодишно момче, наводно, починало пред да стигне до станицата во Музафарпур.

Неговиот татко изјавил дека „починало поради лошите услови во возовите за работниците мигранти“.

Локалната полиција за АФП изјавила дека детето починало поради болест. Телата на другите двајца мигранти биле извлечени од воз во средата, а полицијата објавила дека се работи за мажи на возраст од 30 и 63 години, кои биле болни.

Слични содржини