„Трошиме на чоколада, а немаме леб да јадеме“: Мицкоски го врати Ставрески во работните тела на ВМРО-ДПМНЕ

од Vladimir Zorba

Министерот за финансии во владата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Никола Груевски, Зоран Ставрески се врати во работните тела на партијата.

Ставрески беше вицепремиер во владата на Груевски од 2006, а од 2009 до 2016 и министер за финансии.

Како што соопштија синоќа од Белата палата формирале работно тело за „следење на реализацијата на проектите на градоначалниците кои ги ветиле пред граѓаните“.

„Во работното тело кое ќе биде раководено од Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ќе бидат и Зоран Ставрески и Оливер Шамбевски“, наведоа од ВМРО-ДПМНЕ.

Ставрески беше своевидна ѕвезда во прислушкуваните разговори кои тогашниот лидер на СДСМ и се уште премиер, Зоран Заев ги објави како дел од проектот „Вистината за Македонија“.

Во еден од емитуваните разговори меѓу Ставрески и тогашната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска покажуваат дека Груевски издавал наредби да работат противзаконски, за незаконско подигнување милионски кредити од странство, реклами, споменици и уметнички слики, кога биле доведени во прашање платите на вработените во администрација.

„Да бевме Америка немаше да издржиме“, вели машкиот глас во разговорите, за кој Заев тогаш тврдеше дека е на вицепремиерот Ставрески.

Заев рече дека со овие разговори се покажува зошто Јанкулоска и Ставрески се најприслушуваните министри од страна на премиерот Никола Груевски и шефот на тајната полиција Сашо Мијалков. Според него, емитуваните разговори покажуваат дека Груевски издавал наредби да работат противзаконски, за незаконско подигнување милионски кредити од странство, реклами, споменици и уметнички слики, кога биле доведени во прашање платите на вработените во администрација.

„Приходите се катастрофа, на дрво да ги берев парите, ова не се исдржува. Сто пати реков не иде вака“, вели машкиот глас во емитуваните разговори.

„Треба да разбереме дека сме лудаци, ние трошиме на чоколада, а немаме леб да јадеме“, вели машкиот глас за кој Заев тврдеше дека е на Ставрески.

Слични содржини