Тротинет револуција во Германија

од desk4

Во САД веќе ги возат, во други европски земји исто така, а сега треба да станат составен дел и од градската слика во Германија: електротротинети. Дали е тоа чекор во правец на намалување на автомобилскиот сообраќај?

   

Превозното средство на иднината е зелено, тежи кнап десетина килограми и за само неколку секунди достигнува брзина од 20 километри на час,пишува Дојче Веле. Од почетокот на април десетици луѓе се движат со него во индустриски реон во близина на Келн како дел од тестирањата. Прво ја симнуваат апликацијата на производителот, потоа го скенираат КјуАр кодот на тротинетот. И веќе може да се почне: се поттурнуваш од земјата за старт, десно се дава гас, лево се кочи.
„Тротинетот нема емисии на штетни гасови, дозволува флексибилна употреба, а возењето е забавно”, водушевено раскажува Бодо фон Браунмил, кој е шеф на Службата за односи со јавност на компанијата за електрични тротинети Тир.

„Скутерот е замислен како надополнување за други превозни средства како на пример јавниот сообраќај.”
Понудувачи како стартап компанијата од Берлин “Тир” со нетрпение чекаат да почне изнајмувањето на електричните тротинети во Германија. Тие во октомври 2018 започнале во Виена, а од тогаш се застапени на пазарите од околу 20 европски земји. Едно евро е основната цена, за секоја извозена минута се наплаќаат уште по 15 центи. Во Германија, каде што според анкетите, двајца од тројца граѓани сметаат дека тротинетот е добро надополнување за останатите превозни средства, во најава е добар бизнис.

Климатската заштита како најважен аргумент

„Фиксацијата на автомобилите е минато, тоа дури и Автомобилскиот сојуз на Германија веќе го увиде” вели Браунмил и додава дека сега “заедно со политичките чинители мора да се воведе похумано планирање на градовите, со инфраструктура за луѓе, не за автомобили.”

E-Roller (DW/O. Pieper)Едноставно управување: лево „кочница“, десно „гас“

Понудувачите за електрични тротинети веројатно го погодија вистинското време во Германија: сообраќајот најмногу заостанува во зацртаните цели за енергетска промена. 47 милиони возила има регистрирано во Германија, секоја година се продаваат уште преку три милиони нови. Емисиите на штетни гасови во сообраќајот се речиси на исто ниво како во 1990 година. Целта да се намали до 2030 на 40 проценти тешко дека ќе постигне. Мобилноста во земјата и натаму значи дека наместо бензин, се избира дизел. Секој петок ученици излегуваат на улица и демонстрираат. Индустријата за електрични тротинети сака да го искористи тој момент и да се погрижи за промена на свеста, и покрај првичните проблеми што скутерите брзо се расипуваат и не траат речиси ни една година. Освен тоа, тротинетите се речиси неупотребливи на дожд, снег или калдрма.

Кога ќе се случи пресвртот во сообраќајот?

Кај Хајнер Монхајм приврзаниците на електричните тротинети наидуваат на отворена врата. Реномираниот истражувач на сообраќајот уште кога предавал на Универзитетот во Трир набавил 74 скутери за неговите студенти. “Потоа возевме во колона по улици”, се потсетува Монхајм со насмевка “и тогаш дојде полицијата и рече: ‘Еј, морате да возите на тротоар!‘ А, јас само му реков: ‘Не е можно, па нема да возиме слалом околу пешаците?‘”

 Хајнер Монхајм сега има 73 години, но неговата пасија во борбата за друга сообраќајна култура и мобилност во Германија го држи и натаму. “Мора да има помалку возила што се возат и помалку што стојат паркирани. Градовите плачат по тоа, сакаат повеќе зелено и помалку ламарина.” Да се инвестира во нови превозни средства би било сосема разбирливо.

Магичен збор – интермодалност

Сообраќајните експерти се залагаат за тоа скутерите да се возат по велосипедските патеки, а доколку нема никој и на улица. Монхајм пак критикува дека „Германија е земја во која велосипедската патека не е правило, туку исклучок. Исто така поголемиот дел од постоечките патеки се само дел од тротоари.”

E-Roller Verkehrsforscher Heiner Monheim (DW/O. Pieper)Хајнер Монхајм сака помалку автомобили на улиците

Визијата на Монхајм се вика – интермодалност. Тоа во превод значи комбинација на различни превозни средства. „Отсекогаш сум сонувал дека секој автомобил сериски нема да има само пакет за прва помош, туку во багажникот ќе има велосипед на расклопување.” Но, за жал Германија е далеку од развој на една ваква креативна индустрија. Хајнер Монхајм мора да замине. Со неговиот велосипед на расклопување оди до главната железничка станица во Бон од каде со воз продолжува кон Трир. Како ја оценува дебатата за скутери во Германија? Многу критичари предупредуваат од зголемениот ризик од несреќи. “Ние нагаѓаме како тротинетите ќе се прилагодат на патеките” вели тој вртејќи ја главата со неверување и додава „наместо тоа мора пред се да се постави прашањето за брзината на автомобилите. Потоа секако ќе стане збор за дивеењето со скутери.”

Германија заостанува зад европските соседи

Компанијата за електрични тротинети од Трир не е обесхрабрена од ваквите сценарија. “Во Германија мора прво темелно и долгорочно да се издебатира се”, вели Бодо Браунмил правејќи споредба со Скандинавија или Холандија каде промените во сообраќајот започнаа уште пред неколку децении.

И што ќе кажат Германците за 20 години? Со смеа ќе се навратат на дискусијата за електричните скутери. Портпаролот на компанијата од Трир е сигурен: „Во најмала рака ќе се чудат на возбудата која се крена околу воведување на електричните тротинети во сообраќајот.”

Дојче Веле

Слични содржини