Царовска: Бојктот е неоправдан, а матурата не е задолжителна за сите кои не сакаат да учат понатаму

Министерката за образование и наука, Мила Царовска, на својот фејсбук профил денес објави дека матурата не е задолжителна, па оттаму, кој сака да го продолжи своето образование ќе мора да го полага матурскиот испит. Притоа, појасни и дека бојкотот е неоправдан, а секој изгубен час според Законот, ќе мора да се надомести.
Одвивањето на наставата во второ полугодие како и полагањето на матурските испити беше тема на состанокот утрово со директорите на средните училишта и при тоа е заклучено:
-Државната матура е право на избор и тоа право е неприкосновено право. Секој ученик што сака да го продолжи своето образование полага државна матура според утврдениот законски ред.
Учениците во месец декември го остварија своето право и ги пријавија матурските испити согласно Концепцијата за полагање матура. Учениците избраа предмети кои директно ги подготвуваат за областите и факултетите кои ќе бидат нивен понатамошен професионален развој. Во истата Концепција, постои и избор за учениците за полагање училишна матура или завршен испит. Овие избори предвидуваат само два предмети ( еден задолжителен и еден изборен) и проектна задача.
-Апелираме до средношколците и матурантите да продолжат со следење на наставата, затоа што секој изгубен час е на нивна директна штета. Најголем дел од нив губат токму од содржините што се подготовка за испитите и за успешно полагање на истите.
-Нема причини за промена на матурата затоа што над 14 илијади матуранти, приближно колку што има во државата, уредно ги имаат пријавено матурските испити кои ќе се одржат според концепцијата утврдена уште на почетокот на оваа учебна година.
– Бојкотот е неоправдан, а секој изгубен час според Закон треба да се надомести.
-Подготовките за матурата се во тек, од страна на МОН беа прифатени сите забелешки за олеснување во делот на испитните матурски програми по сите предмети. ДИЦ ги вклучи сите сугестии и креираше испитни прашања на базично ниво, земајќи ги предвид сите околности.
-Во тек е формирање на работна група за промена на концепцијата за матура која ќе биде применлива од идната година, а во нејзината подготовка се претствници од Сојузот на средношколци и други ученици.

Слични содржини