Царовска до младите од регионот: Вие сте предводници на прогресивни идеи и позитивните промени

од Nikola Popovski

Големиот број на млади од земјите од Западен Балкан кои учествуваат на настаните организирани во рамки на Преспа форум за дијалог, потврдува дека тие се заинтересирани за иднината на регионот и преку воспоставување и јакнење на меѓусебната соработка ќе дадат голем придонес кон негово целосно интегрирање во европското семејство.

Ова го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска обраќајќи им се на младите учесници на форумот кој денеска се одржува во Отешево, Преспа, а како дел од дводневниот настан Преспа форум за дијалог што го организира македонското Министерство за надворешни работи со цел продлабочување на соработката помеѓу земјите од регионот заради подигнување на неговата економска конкурентност во пошироки размери.

„Во вас ја гледам иднината на секоја од земјите од каде доаѓате и воопшто иднината на регионот. Гледам идни предводници на позитивни промени во општествата, креатори на политики, двигатели на претприемништвото, економијата и иновациите во сите сфери. Вашиот потенцијал не смее да остане нереализиран и затоа сме тука ние, раководителите на институциите, да ви дадеме простор да го искажете тоа што го поседувате, но и постојано да се надградувате. Еден ден, ќе ги преземете нашите улоги и верувам дека ќе бидете добро подготвени за да постигнете уште поголеми успеси од досегашните”, рече Царовска.

Претходно, Министерката рече дека поврзувањето на младите од регионот создава синергија која го забрзува процесот на интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската унија.

На младинскиот форум, покрај министерката Царовска, учествуваа и амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнз, ЕУ амбасадорот Дејвид Гир, министерката за образование на Република Албанија Евис Куши, пратеникот Дарко Каевски, поранешниот министер за образование и пратеник Арбер Адеми и други претставници.

Слични содржини