Царовска: Интензивно работиме на обучување на наставниците, согледавме каде се проблемите тргнуваме чекор по чекор

од Viktor Jovanov

Со процесот на осовремување на образовниот систем мора да вложуваме и инвестираме. Совршен систем не постои никаде во светот ниту пак во нашата држава, но првиот чекор мора да го направиме затоа што сите истражувања покажуваат дека нашите деца остануваат парцијално неписмени. Треба да согледаме каде се проблемите, изјави министерката за образование Мила Царовска во денешното гостување на ТВ21.

-Проблемите се во наставните програми, во материјалот кој го добиваат за учење-учебници, опремување на училиштата и обука на наставниот кадар. Ние овие елементи ги согледавме и тргнуваме чекор по чекор. Нов концепт, што значи нов начин на учење кој светот го бара, современите образовни системи нон стоп го користат. Ние прв пат како концепт сега ќе го воведеме во прво и четврто одделение. Другата работа е обука на наставен кадар. Веќе почнавме со интензивни обуки, ќе продолжат цел летен период за да имаме спремни и мотивирани наставници. И најважната работа паралелно со програмите од светската банка и министерството инвестираме и во инфраструктура, но и исто така и во она што значи опремување на кабинети по природни науки и набавка на дигитални уреди за учениците кои не можат да си го дозволат тоа, вели Царовска.

Министерката додаде дека целиот процес на дигитилизрање пробува да се измести од колосек, особено од страна на опозицијата.

-Во јавноста се поставуваат интересни прашања, дали во училиштата има приклучок за полнење на таблетите и лаптопите, дали има интернет и така натаму. Дигиталниот учебник не значи пристап до интернет. Тој е поставен на електронски уред и ученикот во својот дом ќе може да го користи или доколку е потребно на часот. Главно на часот се работи преку интеракција, ученик со ученик, ученик со наставник или други средства преку кои се добива знаење. Ова укажува на тоа дека тие ученици кои ќе добијат таблети ќе можат да ги користат во домашни услови безразлика на пристапот до интернет, вели Царовска.

Во однос на учениците кои немаат пристап до електрична енергија, министерката за образование вели дека ќе се обезбеди учење во училиштата, но и ќе има опција печатен учебник кој ќе го добијат од училиштето.

Слични содржини