Царовска: Лузните од едни времиња кога беа застапени некои други идеологии и визии, тешко избледуваат

од Nikola Popovski

Од општество соочено со меѓуетнички конфликти пред 20тина години, се трансформираме во мирно и хармонично општество за сите, за кое се заложи актуелната влада преку своите мултиетнички и мултикултурни политики. Овој концепт ќе продолжи да се имплементира сé до конечно остварување на целите заради кои е креиран, да се изгради држава во која буквално сите ќе имаат чувство дека припаѓаат тука, дека ова е нивната татковина и тоа се луѓето, сограѓаните со кои треба да живеат, да работат и воопшто да создаваат заедничка иднина, истакна министерката за образование и наука Мила Царовска на панел дискусија посветена на етничката нетолеранција и национализмот во земјите од Западен Балкан, што втор ден се одржува виртуелно, како дел од Самитот за демократија во Југоисточна Европа, организиран од Меѓународниот републикански институт.

„ Не е лесно да се работи на овие цели. Затоа што лузните од едни времиња кога беа застапени некои други идеологии и визии, тешко избледуваат, но тоа не значи дека немаме напредок и дека треба да се откажеме од остварување на поставените цели. Напротив, како што посочив, напредокот е многу голем и тоа е мотив да продолжиме да работиме на сузбивање на, јас ги нарекувам „пороци“ кои го уништуваат човештвото повеќе од сите други пороци кои почесто се споменуваат во секојдневието“, рече Царовска.

Министерката истакна дека во оваа насока, Владата е фокусирана на крупни промени во образованието како најдобар механизам преку кој се влијае на начинот на размислување и однесување на цели генерации. Идејата е учениците уште од најрана возраст покрај стекнување на применливи знаења и вештини, да се насочат и кон вистински граѓански вредности кои ја елиминираат нетолеранцијата, меѓуетничката нетрпеливост, дискриминацијата и насилството во сите облици.

Слични содржини