Царовска од Подгорица: Дигитализацијата во образованието не е само тренд, туку огромна потреба

од Nikola Popovski

Економски раст за регионот на Западен Балкан, но и на секоја држава одделно не е возможен со забрзан чекор без дигитална трансформација, изјави за МИА министерката за образование и наука Мила Царовска, која денеска учествува на Дигиталниот самит за Западен Балкан во Подгорица.

„Јасно е дека дигитализацијата не е само тренд, туку огромна потреба. Држава што не вложува во овој процес ризикува да остане со години во борбата и натпреварот за подобри услови за живеење на граѓаните во однос на другите држави што посветуваат внимание на овој сегмент“, потенцира Царовска додавајќи дека процесот на дигитализација на образованието во Северна Македонија уште повеќе ќе се интензивира првенствено во интерес на учениците и студентите.

Министерката оцени дека образованието како основа веќе покажува иницијативи во Македонија за дигитализацијата.

„Ги гледате и сите оние дискусии коишто ги водиме за новата концепција, за вклучување на дигитално учење или дигитална писменост во самите основни училишта, дигиталните учебници, платформите коишто ги воспоставивме и сето тоа за една година укажува дека навистина како држава се позиционираме повисоко од останатите земји и дека навистина може да споделиме позитивни искуства“, посочи Царовска.

Во своето обраќање на самитот Царовска рече дека минатата учебна година имавме успешна настава со хибриден модел, кој вклучи и онлајн-настава, што континуирано се надградуваше и се подигнуваше нејзиниот квалитет.

„На крајот од минатата учебна година сеопфатно истражување на УНИЦЕФ покажа исклучителен напредок и подигнување на задоволството кај сите учесници и засегнати страни во онлајн-наставата. Според истражувањето на УНИЦЕФ, дури 98 % од наставниците држеле интерактивна онлајн-настава, 100 % од учениците одговориле дека наставата е според планираниот распоред, а 80 % од вкупниот број родители/старатели на учениците изразиле задоволство од нејзиниот квалитет. Сепак, според министерката, онлајн-наставата е само еден сегмент од процесот на дигитализација на образованието“, истакна таа.

Слични содржини