Царовска: Со реформата наставниците добија слобода да го креираат часот

од Берта Китинска

Интерактивните табли, дигиталните и печатените учебници не се клучни во наставата по новата концепција, туку активностите и комуникацијата помеѓу учениците и наставникот, и токму тоа сакаме да го покажеме со промените, рече министерката за образование и наука Мила Царовска во гостувањето во „Тема на денот“ во Дневникот на Сител ТВ, одговарајќи на прашањето за тоа дека дел од училиштата сѐ уште немаат инсталирано електронски табли.

 

„Учебникот е само едно наставно средство и помагало. Во училниците треба да има и енциклопедии и друг тип на заедничка активност и интеракција помеѓу учениците и наставниците. Сето тоа е учење и тоа се поттикнува со новата Концепција за основно образование. Ние велиме да не се користи стриктен распоред. Ако наставникот чувствува дека денеска треба да има два часа математика, а утре два часа ликовно, тоа може самостојно да го направи и да си го распореди денот. Најважно е да ги постигнеме излезните резултати од учење, а не да се држиме во дадени формати и секое дете да се трудиме да го ставиме во калап и да му предаваме учебник. Треба да постигнеме резултати од учење преку поголем број нагледни средства и методи коишто може да ги примени еден наставник. Токму затоа, интерактивните табли не се на прво место, ниту дигиталните учебници. Важно ни е учениците да се стекнат со знаење кое нема да го запомнат само за тест, туку ќе им послужи во натамошните етапи од образование како и во текот на нивното живеење, во сите ситуации со кои ќе се среќаваат“, рече Царовска.

Слични содржини