Царовска: Важно е да се воведе сексуално образование, преку кое ќе се работи на менталното здравје на учениците и наставниците

По повод „16 дена активизам“, министерката за образование и наука, Мила Царовска, посочи дека за родово базираното насилство треба гласно да зборуваме постојано, а не само во деновите кога трае кампањата.

Царовска инаку, како што соопштуваат од МОН е долгогодишна активистика во борбата за јакнење на женските права, па оттаму Владата, но и ресорното министерство се залага за работата на искоренување на насилството врз жените и девојчињата, а тоа се прави во сите сфери на општеството и образованието.

„Моите лични заложби, но и заложбите на Министерството за образование и наука се низ образовниот процес да создадеме ненасилно однесување на новите генерации, да го искорениме насилството во каква и да е форма од нашето секојдневие и да поттикнеме толеранција и почит. На ова веќе посветено работиме со укинување на учебниците кои содржат родови стереотипи и поттикнуваат агресивност и понижување и преку воведување нови наставни материјали кои ја унапредуваат родовата еднаквост и различностите“, истакна Царовска.

Царовска потенцира и за важноста од воведување на сексуално образование, како и јакнењето на стручните служби во основното и средното образование, каде ќе се работи на менталното здравје на учениците, но и наставниците.

„ Како Влада изминатите години направивме многу за превенција и заштита од родово базирано насилство. Почнувајќи од ратификација на Истанбулската конвенција, до засилување на мрежата за помош и поддршка и поставување механизми за едукација и превенција. Но, ова е битка која мораме да ја водиме сите заедно, како општество. Затоа, денес ве повикувам никогаш да не премолчуваме насилство, да делуваме во име на сите оние на кои им треба нашата помош. Да одговориме на предизвикот кој го нарушува најсветото – безбедноста и сигурноста на секој од нас. Портокаловата е само боја се додека не прерасне во симбол, во заедничка заложба. А, за тоа сме потребни сите. Да пријавуваме насилство, да подадеме рака, да помогнеме“, посочи Царовска.

Слични содржини