„Целиот договор е базиран врз основа на реципроцитет“: Османи го претстави протоколот со Бугарија

од Stefanija Kuzmanovska

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, го презентираше попладнево билатералниот протокол со Република Бугарија.

Османи тврди дека целиот договор е базиран врз основа на реципроцитет и дека тој во себе вклучува подеднакви обврски за двете страни.

„Протоколот ја враќа довербата меѓу Македонија и Бугарија, создава добра политичка клима и во согласност со францускиот предлог го овозможува почетокот на преговорите на земјава со Европската Унија, веќе утре вечер ќе биде дефинирана првата меѓувладина конференција за во вторник, како и втората меѓувладина по внесувањето на Бугарите во Уставот“, рече министерот за надворешни работи Бујар Османи кој го презентираше протоколот што денеска беше потпишан во Софија.

Не е точно дека не почнуваат преговорите, подвлече тој, почнуваат во вторник со отворачка изјава на македонски јазик и почеток на скринингот.

Османи додаде дека по бугарското вето пред три години не сме можеле да добиеме се, но, како што истакна, сме добиле три битни позиции.

„За Македонија беа важни три работи. Протоколот да не е дел од преговарачката рамка, Македонскиот јазик да е чист во комуникацијата со европската унија и историјата и комисијата да не се дел од преговарачката рамка. И трите работи Македонија ги доби“, посочи министерот за надворешни работи.

Според него, многу полесно ќе ги решаваме недоразбирањата со Софија додека сме дел од процесот во ЕУ, отколку да останеме надвор и да чекаме некои подобри времиња.

Слични содржини