Цените се одмрзнаа: Зејтинот 163 денари, лебот 40 денари…..

од Берта Китинска

Маслото за јадење, брашното, шеќерот, лебот и јајцата од денеска се продаваат по нова, зголемена цена откако престанаа да важат антикризните мерки што беа воведени во март.

Од Организацијата на потрошувачи предупредуваат на катастрофалните последици од новите поскапувања на стратешките прехрамбени производи врз стандардот на ранливите категории граѓани. Станува збор за дел од населението кое тешко преживуваше и во услови на примена на антикризни мерки, што само по себе го мултиплицира размерот на негативните последици.

Во услови на се поекстремна светска политичка и економска криза, велат познавачите, се стеснува и менаварскиот простор за начинот на кој македонските граѓани можат да се заштитат.

„Правењето на резерви нема многу да придонесе во подобрување на стандардот на потрошувачите бидејќи цените нема да се намалат. Граѓаните можат да штедат со намалување на потрошувачката на електрична енергија, намалување на купување на производи кои не се неопходно потребни, но не и на купување на прехрамбени прозиводи“, изјави за „Локално“, Татјана Тасевска од Организацијата на потрошувачи.

Лебот и брашното со повисока маржа и пресметан ДДВ од 5 отсто ќе имаат повисока цена за 5 до 6 денари, а поскапи ќе бидат и другите производи за кои досега имаше ограничена маржа, а не се пресметуваше ДДВ. Но, сѐ ќе зависи од тоа во кој маркет ќе се купуваат овие производи, бидејќи трговците самостојно го утврдуваат процентот на маржата. Пред ограничувањето на маржите на 5 отсто односно на 10 отсто кај трговците на големо и мало, тие пресметуваа маржа од 20 отсто до 30 отсто. Маржата, пак, која ја пресметуваа производителите во крајната цена на производите се движеше од 2 отсто до 3 отсто. Според ова, јасно е дека треба да се очекува поскапување од најмалку 15 отсто, поради маржата и поради дополнителните 5 отсто за ДДВ за производите за кои во изминативе три месеци не се плаќаше ДДВ.

За опозициската ВМРО-ДПМНЕ ова е нов удар врз стандардот на граѓаните. Опозицијата најави предлог на нови измени на законот за ДДВ, според кои нема да се плаќа ДДВ за прехранбени производи, а данокот за горивата да изнесува 5 отсто.

Мерката со која беа замрзнати цените на основните прехрамбени производи беше на сила шест месеци.

Слични содржини