ЦГК: Имаме 536 пожарникари помалку од законски потребните

од Берта Китинска

Најмногу пожарникари, повеќе од 200, му недостигаат на главниот град Скопје, каде покрај сите скопски општини се опфатени и приградските Петровец, Илинден, Арачиново, Чучер – Сандево, Сопиште, Студеничани и Зелениково.

На 30-те територијални противпожарни единици во земјава им недостигаат најмалку 536 пожарникари за да имаат барем толку вработени колку што е законски пропишаниот минимум, објави Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).

Само четири од сите 30 противпожарни единици имаат повеќе пожарникари од законскиот минимум (и тоа само по еден или двајца), додека шест други единици имаат токму толку колку што бара минимумот. На останатите 20 единици им недостигаат вкупно 536 пожарникари за да го задоволат законскиот минимум.
Најмногу пожарникари, повеќе од 200, му недостигаат на главниот град Скопје, каде покрај сите скопски општини се опфатени и приградските Петровец, Илинден, Арачиново, Чучер – Сандево, Сопиште, Студеничани и Зелениково.

Следуваат Тетово, каде недостигаат 65 пожарникари, и Гостивар со 52 пожарникари помалку од законски предвидените. Не е подобро ниту во Куманово каде недостигаат 49 пожарникари. Во Битола има кусок од 32, а во соседен Прилеп од 26 пожарникари.

Меѓу општините со повеќе од законски предвидениот минимален број пожарникари се Охрид и Ресен, кои имаат само по двајца пожарникари повеќе од минимално определениот број, како и Демир Хисар и Крушево – само со по еден пожарникар над минимумот. Шесте општини со ист број пожарникари со законскиот минимум се: Штип, Радовиш, Делчево, Македонски Брод, Пробиштип и Кратово.

Пресметките се направени врз основа на законски пропишаниот минимум пожарникари, проценката од Државниот завод за статистика за бројот на населението што живее во општините што се опфатени од противпожарните единици, како и бројот на моментално вработените пожарникари во секоја од 30-те единици според податоците добиени од самите единици преку барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Според Законот за пожарникарство, минималниот број на професионални пожарникари во противпожарните единици треба да изнесува:

– во општините до 10.000 жители – девет професионални пожарникари,

– во општините од 10.000 до 15.000 жители – 13 професионални пожарникари,

Прочитајте и… Костадинов: Процедурата при гласањето на законот за ЈО беше кристално чиста
– во општините од 15.000 до 24.000 жители – 17 професионални пожарникари и

– во општините со над 24 000 жители – еден професионален пожарникар на 1.500 жители.

Законот, исто така определува дека утврдениот број на професионални пожарникари на противпожарните единици се зголемува соодветно на бројот на жителите на соседните општини кои ги покрива формираната единица.

Сепак, без оглед на законскиот минимум, ако се земе предвид еден од најчесто користените критериуми – број на пожарникари на 1.500 жители, најдобро стојат четири општини – сите со повеќе од еден и пол пожарникар на илјада и петстотини жители: Демир Хисар (1,87), Македонски Брод (1,77), Ресен (1,76) и Крушево (1,61). Просекот на земјата е 0,64 пожарникари на илјада и петстотини жители. Најлошо од овој аспект стојат Гостивар (0,32), Куманово и Скопје (0,49), Кочани и Тетово (0,51) и Битола (0,52).

Инаку, согласно законот, територијални противпожарни единици формираат Градот Скопје и општините: Битола, Велес, Гевгелија, Гостивар, Кочани, Куманово, Охрид, Прилеп, Струмица, Тетово, Штип, Ресен, Кавадарци, Валандово, Дебар, Берово, Виница, Делчево, Крива Паланка, Кратово, Струга, Кичево, Крушево, Македонски Брод, Радовиш, Свети Николе, Пробиштип, Демир Хисар и Неготино.

Притоа, противпожарните единици ги покриваат следните општини: Битола за општините Новаци и Могила; Велес за општините Градско и Чашка; Гевгелија за општините Богданци и Дојран; Гостивар за општината Врапчиште и делот Маврово од општината Маврово – Ростуше; Кочани за општините Зрновци и Чешиново; Куманово за општините Липково и Старо Нагоричане; Охрид за општината Дебрца; Прилеп за општините Долнени и Кривогаштани; Струмица за општините Босилово, Василево и Ново Село; Тетово за општините Брвеница, Јегуновце, Теарце, Боговиње и Желино; Штип за општината Карбинци; Кавадарци за општината Росоман; Дебар за општината Центар Жупа и делот Ростуше од општината Маврово – Ростуше; Берово за општината Пехчево; Делчево за општината Македонска Каменица; Крива Паланка за општината Ранковце; општината Струга за општината Вевчани; општината Македонски Брод за општината Пласница; општината Радовиш за општината Конче; општината Свети Николе за општината Лозово, општината Неготино за општината Демир Капија и градот Скопје за општините Петровец, Илинден, Арачиново, Чучер – Сандево, Сопиште, Студеничани и Зелениково.

Заради оперативно делување при гаснењето на големи пожари на целата територија на Република Северна Македонија, територијалните противпожарни единици на градот Скопје и општините: Битола, Куманово, Тетово, Прилеп, Велес Кавадарци, Гевгелија, Струмица, Кичево, Охрид, Кочани, Штип и Гостивар, дејствуваат и како противпожарни единици на Република Северна Македонија.

Слични содржини