ЦИВИЛ: Апасиев покажува дека не може да се контролира, време е да се испита неговата деловна способност

од Берта Китинска

ЦИВИЛ упатува најостра осуда на вчерашната објава на Димитар Апасиев со експлицитен говор на омраза и вулгарности на социјалните мрежи на сметка на Радмила Шекеринска. Оваа објава е само уште една од бескрајната низа лаги, клевети, вулгарности, закани и говор на омразата упатени кон поединци и групи од различни заедници, организации и институции.

„Крајно непримерното однесување на Апасиев и сличните на него е насочено кон активисти, новинари, експерти, политичари и други, а со својот потпалувачки говор поттикнуваат ширење на омраза по повеќе основи, што е спротивно на Кривичниот законик. Несфатливи се молкот на институциите и рамнодушноста на медиумите и јавноста. Апасиев и тие како него, со години уживаат во неказнивоста, но тоа мора да престане веднаш!

Апасиев не престанува со ширење говор на омраза, фашистички пораки, вулгарности и крајната злоупотреба на слободата на изразување. Со своето однесување, Апасиев веќе предизвикува сериозни сомнежи дека тој е непресметлив и не може да се контролира. Можеби е време да се испита неговата деловна способност, особено затоа што тој воедно е дел од наставниот кадар на штипскиот универзитет. Доста е! Однесувањето на Апасиев и таквите како него е неприфатливо и заслужува секаква осуда и санкции.

ЦИВИЛ континуирано опоменува дека говорот на омраза омразата поттикнува и дела од омраза, и во изминатиот период уште поактивно го следи девијантното однесување на одредени поединци и групи во политиката чие деструктивно дејствување е во подем. Во овој случај, се работи и за еден од пратениците во законодавниот дом!

Креаторите на содржини и пораки, поттикнувачите, дистрибутерите и поддржувачите на говорот на омразата ги поминаа сите граници! Оваа состојба во јавноста веќе не може да се толерира и да поминува неказнето.

ЦИВИЛ бара од сите релевантни институции како што е МВР и Јавното обвинителство итно да постапат соодветно на законските обврски за да ја спречат и санкционираат оваа појава која сѐ повеќе зема замав. Наставниот совет при ГДУ Штип и Министерството за образование, исто така, се повикани да постапат соодветно на своите ингеренции.

ЦИВИЛ ја повикува јавноста, сите свесни и совесни граѓанки и граѓани, да го отфрлат и осудат говорот на омразата и повиците за насилство во медиумите, социјалните мрежи и во јавните настапи“, стои во соопштението на ЦИВИЛ.

Слични содржини