Црна Гора: Масовни протести поради смената на министерот кој го негира геноцидот во Сребреница

од Vladimir Zorba

Во неколку црногорски градови, неколку стотици граѓани во понеделникот вечерта, носејќи српски знамиња и транспаренти со кои го негираа геноцидот во Сребреница, го поддржаа министерот за правда Владимир Лепосавиќ, чие разрешување беше објавено претходно денес од премиерот Здравко Кривокапиќ.

Во вонредно обраќање, Кривокапиќ рече дека покренал постапка за отповикување на Лепосавиќ, поради неговата контроверзна изјава за Сребреница, која беше осудена низ целата земја и регионот, но дека претходно му дал можност на министерот да се повлече, што тој одби.

Пред две недели, Лепосавиќ во црногорскиот парламент рече дека е подготвен да признае дека се случил геноцид во Сребреница кога, како што рече, недвосмислено ќе се утврди, тврдејќи тогаш дека Трибуналот за воени злосторства во Хаг го изгубил легитимитетот.

Сепак, по објавата на Кривокапиќ, повеќето просрпски пратеници во црногорскиот парламент изјавија дека нема да го поддржат барањето на премиерот за смена на министерот Лепосавиќ и дека неговиот став за Сребреница е поддржан од мнозинството Срби во Црна Гора.

Ова беше причина демонстрантите да се соберат во Подгорица, Бар, Никшиќ, Пљевља, Беране, носејќи транспаренти и извикувајќи пароли со кои се негира геноцидот во Сребреница: „Поради Сребреница, Србин е отстранет од функција, запомнете дека немаше геноцид“, „Косово е срцето на Србија“,„Правда за Владо“,„Предавство, предавство“ и „Усташи, усташи“, „Мило крадецу“.

Меѓу насобраните во Подгорица, беше забележан и четничкиот војвода Миле Павичевиќ, кој е познат како учесник на повеќето протестни митинзи на просрпскиот демократски фронт.

Протестните митинзи во повеќе црногорски градови ги прекршија епидемиолошките мерки, кои меѓу другото, целосно ги забрануваат митинзите. Граѓаните исто така се должни да држат растојание од два метра, што не беше случај вечерва, а повеќето не носеа заштитни маски, што е друга обврска на граѓаните.

Црногорскиот премиер претходно денес изјави дека неговата влада „претрпува тешки удари однадвор и одвнатре“.

„Многу претставници на одредени владејачки партии и ДПС на Ѓукановиќ напорно работат на тоа со своите постојано присутни сателити, а јас сè уште ги чувствувам пипалата на октоподот што не можеме да ги отсечеме“, рече премиерот на Црна Гора, истакнувајќи дека два блока се создаваат во Црна Гора – ултрасрпски и ултра црногорско-патриотски.

„Кои се овие блокови, кој сака веќе блокови. Доста ни беа бариери и sидови. Потребна ни е слобода за да ја свртиме Црна Гора во вистинската насока“, рече црногорскиот премиер.

Слични содржини