Црна Гора: Туристите заболени од ковид ќе бидат лекувани на трошок на државата

од Stefanija Kuzmanovska

Во пресрет на туристичката сезона во Црна Гора, здравствените протоколи се финализирани, а Владата донесе одлука да им обезбеди на странските туристи кои ќе се заразат со корона за време на престојот во таа земја болничко лекување на трошок на Црна Гора.

Министерот за економски развој Јаков Милатовиќ на прес-конференцијата рече дека здравствените протоколи ќе бидат дистрибуирани до туристичката индустрија и амбасадите следната недела и ќе бидат и на англиски и руски јазик.

Министерката за здравство, Јелена Боровиниќ Бојовиќ, рече дека се обиделе да го поедностават протоколот и дека на туристите ќе им биде објаснето како да се однесуваат ако почувствуваат симптоми на ковид или се заразат со ковид, пренесува „Вијести“.

„Владата донесе одлука туристите кои ќе се разболат од ковид-19 за време на престојот во Црна Гора и ќе бидат хоспитализирани да бидат лекувани на сметка на државата“, рече таа.

ПЦР тестирањето, во случај на потреба од враќање на туристите во нивната земја, ќе се изврши непречено во Црна Гора на два паралелни начина – едниот ќе биде организиран со помош на Институтот за јавно здравје на Црна Гора и ќе се изведува бесплатно, а туристите ќе ја имаат на услуга и можноста за правење тестови во приватни лаборатории, додаде министерката.

Сите хотелиери ќе одвојат 10 проценти од капацитетот за можни случаи на ковид-19, најави Боровиниќ Бојовиќ.

Мерката за влез во Црна Гора без тест за граѓаните на Србија, Хрватска, БиХ, Русија, Белорусија, Украина и Албанија останува во сила.

Слични содржини