Црногорски аналитичари за Локално: Црквата што ги донесе промените, не гледа со симпатии кон Вучиќ

од Nikola Popovski

Промените во власта во Црна Гора се случија со одлучувачката улога на дел од Српската Православна Црква (СПЦ), на бранот на чии протести беше мобилизиран бројот на гласачи потребни за промена на владата. Сепак, овој дел од црквата што ја освои победата во Црна Гора, не гледа со симпатии кон српскиот претседател Александар Вучиќ, и ова про-српско движење може до одреден степен да ја загрози владата во Србија на долг рок, велат црногорски аналитичари во разговор со Локално.

Сепак според нив, ситуацијата во Црна Гора е неспоредлива со онаа на пример во Република Српска, каде што што на власт е Милорад Додик, бидејќи во Црна Гора никогаш не се случило во историјата да има промена на власта по изборите. Тие веруваат дека „столчето“ на Додик не е разнишано ако ги имаме предвид неговите добри односи со црквата.

Борис Раониќ, политички аналитичар и претседател на „Граѓанска алијанса“, смета ова е важен момент за земјата, бидејќи сега е можноста да се оддели државата од партијата што досега беше неразделно поврзана.

„Со департизација и демополизација, сега можеме само да зборуваме за слободно изразување и зајакнување на институциите, и тоа е важна порака за граѓаните, но и за целиот регион“, одговара Раониќ за Локално.

Според него, се случува изненадувачки мирна промена на владата и улогата на меѓународната заедница е голема.

„Таков исход очекуваа многу мал број граѓани и сега се поставува прашањето како ќе изгледа кохабитацијата на претседателот со другите институции, пред се при назначувањата на амбасадорите, Врховниот совет за одбрана, потпишувањето на законите… Но, сето ова е демократија и конечно почнуваме да ги учиме нејзините правила“, вели Раониќ на прашањето дали очекува мирен трансфер на власта од страна на Ѓукановиќ.

За тоа како гледа на досегашните потези на мандатарот на новата влада, Здравко Кривокапиќ и дали под негово раководство може Белград да игра улога во управувањето со земјата, аналитичарот вели дека Црна Гора е „трагично поделено општество, со незавршена етногенеза и во таква атмосфера, оваа омраза кон малите разлики е огромна“.

„Чувството на мандатарот е легитимно и никој не треба да се чувствува загрозено, особено не Црногорците кои инсистираат на независност, бидејќи илјадагодишната државност и историја не можат да се разнишаат од чувството на еден човек. Снимките на кои се гледа како Кривокапиќ бакнува српското знаме е всушност црковно знаме и како верник, мандатарот не загрозува никого ако изрази почит кон него“, смета Раониќ.

На иницијативата за „Мал Шенген“, во која треба да влезат С.Македонија, Косово, Србија и Албанија, политичкиот аналитичар изјави дека Црна Гора ќе се приклучи на „Малиот Шенген“ со новата Влада.

„Сепак не сум убеден дека ова е добра идеја за интересите на Црна Гора, која веќе покажа значителна подготвеност и напори за регионална соработка. Очекувам интензивен дијалог по ова прашање и ќе видиме како новата влада ќе дејствува“, вели тој.

Според него со оваа иницијатива, чии покровители се Берлин и Париз, целта е првенство да им се покаже на балканските земји дека можат да комуницираат на цивилизиран европски начин и тој смета дека овој тест ќе ја отвори вратата за понатамошен напредок кон ЕУ.

На прашањето какви се според односите на Црна Гора со С. Македонија и каде гледа простор за напредок, Раониќ вели дека Црна Гора и Македонија имаат многу слични проблеми, слични истории и слични социјални и економски предизвици.

„Не се искористени бројни области за соработка и имам впечаток дека имаме се повеќе оддалеченост меѓу нас и поголема дистанца, што реално е неприфатливо и неразумно“, напиша Раониќ.

Политичкиот аналитичар, Љубо Филиповиќ пак вели дека промените во Црна Гора се случиле со одлучувачката вмешаност на СПЦ.

„Во однос на регионот, овој дел од црквата што ги донесе промените во Црна Гора, не гледа со симпатии кон Вучиќ, и ова про-српско движење може до одреден степен да ја загрози тамошната на долг рок“, смета Филиповиќ.

Според него, претседателот на платформата „Црно на бело“ Дритан Абазовиќ е лидер на „многу мала и безначајна партија во Црна Гора“.

„Има само 3 пратеници, но како некој што отворено прозападните ставови ги стави на страна на просрпската и проруската опозиција, се стекна се со поголема популарност, најпрвин во Србија“, изјави Филиповиќ, за Локално.

За политичкиот аналитичар, Здравко Кривокапиќ е „изборот на црквата, за да ја предводи Црна Гора“.

„Тоа е црква која има свои апетити и во Црна Гора и во Македонија. Г-дин Кривокапиќ е полојален на Србите, отколку на Црна Гора и тој никогаш не може да биде искрен лидер на оваа земја, бидејќи не верува во нејзината независност“, смета Филиповиќ.

За иницијативата за „Мал Шенген“, тој смета дека таа е излишна за Црна Гора затоа што најмногу напредувале на патот кон интеграција во ЕУ, но дека може да има придобивки за остатокот од регионот.

„Се плашам дека намерите на дел од ЕУ се со оваа иницијатива да го одложат патот на регионот кон полноправно членство и создавање на еден вид „чистилиште“ на вратата пред Унијата“, вели политичкиот аналитичар.

За Филиповиќ, во односите помеѓу Црна и Македонија немаат отворени, дискутабилни прашања.

„Тие се традиционално блиски земји со блиска култура и традиција. Ја следам нашата амбасадорка во вашата земја на Твитер и се чини дека таа многу добро ја извршува својата работа. Не знам за другите, но за нас вие сте единствените Македонци што ги имаме“, изјави тој.

Никола Поповски

Слични содржини