Црвенковска – Мејер: За поголема транспарентност во иднина пожелно е да има видео емитување од седниците на Судскиот совет

од Берта Китинска

Во Судскиот совет се одржа работен состанок на претседателката Павлина Црвенковска со Заменик шефот на Мисијата на САД, Ерик Мејер. Независноста и транспарентноста на судството беа нагласени како важни и приоритетни елементи во функционирањето на судскиот систем, на кои САД посветува сериозно внимание.

Мејер ја потенцираше важноста на работата на Судскиот совет во правец на зајакнување на независноста на судството преку обезбедувањето независност и на судскиот буџет.

Во однос на транспарентноста, на состанокот беше нагласено дека се забележуваат позитивни промени, особено со оглед дека седниците на Судски совет се отворени за јавноста, дека записниците од седниците се објавуваат јавно на интернет страницата на советот, како и дека конечно седниците на Судскиот буџетски совет се отворени за јавноста. Беше напоменато дека во иднина е пожелно да има видео емитување од седниците на Судскиот совет за да можат граѓаните, но и вработените во судството директно да следат какви одлуки се носат, а во контекст на зголемена транспарентност на советот и на судството.

Заменик шефот на мисијата на САД и Црвенковска исто така разговараа и за испразнетите судиски места, односно за тоа кога може да се очекува пополнување на истите, како важен сегмент во функционалноста и навременото постапување на судовите, со што во поголем обем ќе се почитуваат човековите права и судските процедури. На состанокот стана збор и за методологиите кои ги има донесено судскиот совет, пред се Методологијата за квалитативно оценување судии и претседатели и Методологијата за утврдување сложеност на предмети, чија имплементација се очекува наскоро.

Слични содржини