Тухел официјално обвинет за непримерно однесување

од Vladimir Zorba

Англиската фудбалска федерација (ФА) објави дека германскиот тренер на Челси, Томас Тухел, официјално е обвинет за непримерно однесување, откако го критикуваше судијата Ентони Тејлор по натпреварот со Тотенхем од 2:2 на 14 август.

„Неговите коментари на прес-конференцијата по натпреварот имплицираат пристрасност и го доведуваат во прашање интегритетот на судијата на натпреварот и ја поткопуваат дисциплината“, објасни ФА во соопштението за медиумите.

Тухел смета дека двата гола на Тотенхем се постигнати по фаули врз играчите на Челси, кои судијата Тејлор не ги досуди.

„Не можам да разберам како првиот гол не е поништен поради прекршок или како играч може да го влече за коса противникот. Многу сум љубопитен да го слушнам објаснувањето“, изјави Тухел.

Тухел има рок до четврток да ја претстави својата одбрана, додаде ФА.

Натпреварот заврши со уште еден инцидент меѓу двајцата тренери, Тухел и Конте, кои беа разделени од нивниот персонал по грубо ракување на крајот од натпреварот. Двајцата тренери заработија црвен картон.

Германецот доби забрана за водење на тимот на еден натпревар и парична казна од 35.000 фунти, додека Конте ќе треба да плати 15.000 фунти.

Слични содржини