Тунберг: Политичарите и понатаму ги негираат климатските промени!

од Stefanija Kuzmanovska

Политичарите, вклучително и шведските лидери, сè уште ги негираат заканите од климатските промени, изјави активистката за заштита на животната средина, Грета Тунберг по состанокот со шведскиот премиер Стефан Лофвен.

„Ние активистите за клима имавме не знам колку состаноци со луѓето во власта, и во основа е иста дискусија секој пат – доаѓа до целосно негирање“, рече Тунберг пред новинарите по состанокот во понеделникот.

Тунберг, која се прослави во 2018 година кога нејзиниот протест пред шведскиот парламент во Стокхолм поради недостаток на акција за запирање на климатските промени стана глобално движење, ги критикуваше и медиумите за намалување на сериозноста на кризата.

Ако никој не изврши притисок врз оние што се на власт, тие очигледно нема да направат ништо, рече таа.

Според неа, се чини дека глобалните влади се откажале од целта да го ограничат глобалното загревање на пораст од 1,5 степени во споредба со прединдустриското ниво.

„Ние нема да го прифатиме тоа“, рече таа.

Шведската влада го презеде водството во борбата против климатските промени, но Тунберг и нејзините колеги активисти велат дека владата не прави доволно.

„Како изгледа сега … оние кои не ја сфаќаат сериозно климатската криза и не ја третираат како криза, за жал, се дел од проблемот“, нагласи младата активистка.

Коментирајќи ја средбата на Инстаграм, премиерот Стефан Лофвен рече дека Шведска е движечката сила на напорите на Европската унија во борбата против климатските промени, а нејзината индустрија се движи кон иднина без фосили и им помага на другите земји да ги намалат емисиите.

Слични содржини