Туризмот „жртва” на руско-украинската криза – гостите од странство ги откажуваат аранжманите за Македонија

од Vladimir Zorba

Гостите од Полска се меѓу првите кои поради руско- украинската војна не резервираа аражмани за претстојниот летен период во македонските туристички центри.

„Нивниот број е намален, бидејќи најверојатно имаат стравувања, се плашат од исходот, па затоа не сакаат да резервираат аранжмани за мај, јуни, јули и август“, изјави за „Локално“ претседателот на ХОТАМ, Крсте Блажески.

Се поголеми се стравувањата дека кризата ќе ги премисли од патување и гостите од останатите држави бидејќи покрај стравот од воените дејствија, луѓето почнуваат се повеќе да штедат и да ги чуваат парите само за основните потреби.

„Се надеваме дека ќе дојде до некакво примирје за барем остатокот од светот да почне да функционира „понормално“, Само така ќе можеме да се надеваме дека ќе реализираме поголем број туристички посети и поголем обрт бидејќи  зависиме од странските гости и од директниот девизен прилив“, вели Блажески.

Мали се надежите дека нешто ќе тргне на подобро и во однос на очекуваните посети за претсојниот празник 8-ми Март. Како аргумент го посочува фактот дека за разлика од порано кога на таа дата, во државата пристигнувале барем 200 -300 автобуси од соседните држави, сега 8-ми март не се слави така масовно и свечено.

Десет дена од почетокот на руско-украинската криза речиси и да нема сектор кој не е директно загрозен. Какви се последиците од овој конфликт врз туризмот? Колкав беше досега бројот на гости од овие држави?

-Незначителен е бројот на руски и украински гости кои ја избираат нашата држава како туристичка дестинација. Нашите капацитети се премали во однос на огромниот број гости од овие држави. Оттука, не можеме да зборуваме дека конфликтот има влијание од овој аспект, но затоа веќе се видливи негативните последици кога станува збор за туристите од останатите држави. Тука пред се мислам на гостите од Полска чиј број е значително намален. Најверојатно кај нив има стравувања, се плашат од исходот, па затоа не сакаат да резервираат аражмани за мај, јуни, јули и август. Намалена е бројката и на резервации на гости од Холандија. Не можам да кажам дека тука станува збор за директна поврзаност со војната бидејќи во игра се и други фактори. Не смееме да заборавиме дека до пред две недели имавме високи бројки на новозаболени од корона вирусот, а и самата држава беше меѓу земјите од црвената зона. Во ваква ситуација, разбирливо е што туристите не се чувствуваат доволно безбедно да направат резервации бидеќи не можат да предвидат што понатаму ќе се случува.“Изгореа’’ во 2020 година кога во јануари и фебруари извршија уплати,  а потоа поради короната многумина не можеа да си ги повратат средствата.

Дали евентуалното пролонгирање на конфликтот ќе се рефлектира на поширок број сектори и дали тоа може да  ги премисли од патување и гостите од останатите држави?

-Секако дека ќе се рефлектира, и тоа не само врз туризмот туку и врз сите останати сектори. Не знаеме до каде ќе оди ова лудило, но ако продолжи сигурно дека ќе почне да се чувствува криза насекаде, недостатоци на храна и лекови, покачувања на цените. До сега вообичаено јануари и фебруари никогаш не биле “солни’’ месеци во однос на бројот на туристичките посети, но од март работите секогаш се придвижувале. Сега, во оваа ситуација се е поинаку. Луѓето стравуваат поради војната и нејзините последици и почнуваат да штедат. Се надеваме дека ќе дојде до некакво примирје за барем остатокот од светот да почне да функционира “понормално’’. Само така ќе можеме да се надеваме дека ќе реализираме поголем број туристички посети и поголем обрт. Ние зависиме од странските гости бидејќи на тој начин реализираме директен девизен прилив.

Се приближува 8- ми Март. Какви се вашите очекувања, дали и колку припадничките на понежниот пол се заинтересирани за  патувања во туристичките дестинации низ државата?

-Мал е интересот, речиси незначителен. Во минатото ситуацијата беше дијаметрално различна бидејќи за празникот во државата пристигнуваа барем 200-300 автобуси од соседните држави. Дополнителна причина е и фактот дека 8-ми март не се слави така масовно и свечено како порано. Се обидуваме да го оживееме туризмот од “полумртва ‘’ состојба, да почнеме полека, барем со оваа мала инјекција. Зимските месеци не беа многу успешни, но беа задоволнителни. Секако, мислам на скијачките центри и хотелите.За разлика од 2021 година, оваа година е малку подобра. Очекуваме зголемување на туристичките посети и во пролет и лето, особено во Охрид.

Побаравте помош од државата за барем делумно да ги надминете последиците од кризата предизвикана од корона вирусот. Во очекување на одговор, во меѓувреме се изгласа и покачувањето на минималната плата. Дали и колку сето тоа го отежнува работењето на вработените во туристичкиот сектор?

-Помошта ја побаравме на крајот на претходната година, но иако ни одговорија дека ќе се разгледа барањето сеуште немаме никаков одговор. Во меѓувреме, без каква било консултација беше донесена одлуката за покачување на минималната плата која уште повеќе ја обремени состојбата во туристичкиот сектор. Ние знаеме дека платите се мали споредбено со потрошувачката кошничка, но не треба да се пренебрегне фактот дека две години трпевме загуби и дека пред донесувањето на оваа мерка требаше да се направи сериозна анализа. Вака како што сега стојат работите, за 100 вработени луѓе во секторот треба да се обезбедат 100.000 евра повеќе на годишно ниво.Имајќи предвид дека 30% од направениот обрт се издвојува за плати, тоа значи дека треба да се направи обрт од 350.000 – 400.000 евра за да се обезбедат овие средства за плати. Покачувањето на цените е можност за решение, но во тој случај ќе се соочиме со критики и реакции. Како и да постапиме, нема да биде лесно, или јас би рекол:Угоре високо , удоле длабоко…

К.В.С.

Слични содржини