Турската полиција употреби солзавец и гумени куршуми врз жените кои протестираа во Истанбул (ВИДЕО)

од Milan1

Од почетокот на годинава во Турција се убиени 345 жени, а во 2020 година 410.

Турската полиција синоќа употреби солзавец и гумени куршуми врз неколку стотици жени кои протестираа во Истанбул против родовото насилство и повлекувањето на Турција од Истанбулската конвенција, меѓународен договор за заштита на жените.

Активистите со транспаренти „Ќе се бориме додека не го постигнеме она што го сакаме“ побараа од претседателот Реџеп Таип Ердоган земјата да се врати на Истанбулската конвенција.

Турција официјално се откажа од меѓународниот договор во јули, првиот што донесе обврзувачки правни норми за борба против родовото насилство.

Конзервативците во владејачката партија АКП тврдат дека договорот ја поттикнува хомосексуалноста и го загрозува традиционалното семејство.

Со транспаренти како „Не молчи за машкото насилство“, демонстрантите се обидоа да поминат низ Исиклал, една од најпознатите улици во Истанбул.

Поворката се обиде да помине покрај полициските барикади, но потоа полицијата со солзавец и гумени куршуми ги растера насобраните.

Од почетокот на годината, според платформата „Ќе го запреме феминицидот“ во Турција се убиени 345 жени, а во 2020 година 410.

Неколку активистки за правата на жените изјавија за АФП дека жените се чувствуваат поранливи и помалку заштитени откако Турција се повлече од Истанбулската конвенција.

Слични содржини