Турскиот театар во Скопје ќе се догради со помош на Државните театри на Турција

од desk2

Изградбата на новиот објект на НУ Турски театар ќе биде завршена во соработка со генералниот директорат на државните театри на Република Турција, кој обединува повеќе од 65 национални театри.


Ова денеска го истакна министерот за култура Роберт Алаѓозовски, кој рече дека објектот на Турскиот театар е огромен по габарит, карабината е изработена и веќе подолго време стои незавршен и дека согласно заедничките преговори со Република Турција се заложиле заедно да го довршат.

– Продолжуваме со нашата политика на одглавување на капиталните проекти. Како што ги одглавивме Тетовскиот театар, зградата на Албанскиот театар и Македонската филхармонија, ова е уште еден објект кој треба да го ставиме во функција. Интерес на Министерството за култура е да се работи брзо во добра динамика за да може Турскиот театар да ги добие своите квалитетни услови за работа, но истовремено сите работи врз објектот да бидат изведени врз база на прецизни договори и квалитетно вградување на сите потребни материјали за што ќе разговараме со нашите пријатели од Турција, рече Алаѓозовски.

Потенцира дека во објектот можат да се сместат и други институции или невладини организации и дека им претстои мошне голема работа. Се уште, нагласи, расплеткуваме неколку ситуации околу плаќањата, дали правилно се исплатени одредени фактури, дали одредени барања дадени на суд се исправни, објективни…- Се надеваме дека во многу скоро време и тоа ќе го расчистиме за да можеме за втората фаза да стартуваме со чиста ситуација, додаде Алаѓозовски.

Министерот без ресор задолжен за странски инвестиции Аднан Ќахил рече дека првичните проекции за финансиска конструкција ќе ги имаат до крајот на јуни. Посочи дека со одлука на Владата и разговор со турската страна ќе има соодветна динамика за изградба и соодветна опременост на Турскиот театар. Според него, тоа го заслужува турскиот народ во Македонија, кој е оставен на забот на времето.
– И Турција е заинтересирана да помогне, но не на начин како што направила минатата Влада врз основа на договор, ние ќе направиме карабина, а вие останатото. Ние ќе одиме на принцип на договор, на меѓусебно разбирање и помагање и најдобар начин и најкус рок да заврши градбата на Турскиот театар, кој ќе биде гордост на Турците и сите граѓани во Македонија, рече Ќахил и додаде дека ќе се обидат во објектот да биде сместен Турскиот културен центар и други објекти.

Генералниот директор на Генералниот директорат на државните театри на Република Турција, Мустафа Курт изрази надеж дека што поскоро ќе биде завршена изградбата. Посочи дека дошле да видат до каде е објектот и да почнат соработка за што поскоро да биде завршена изградбата.
Одговарајќи на новинарско прашање Алаѓозовски рече дека пропустите во изградбата се од објективна природа односно откриени се подземни води внатре во подрумските простории кои треба да бидат искористени за паркинг места. Истакна дека тоа барало промена на проектната документација и намалување на подземната катност на објектот. – Поради тие причини објектот ја зголемил цената на чинење, а поради тоа се одолговлекла изградбата, додаде Алаѓозовски.

Според Ќахил, пак, незавршувањето на изградбата на објектот е од политичка природа.
– Тоа можеше и требаше да се направи порано. Во минатата Влада Турците беа ставени на маргините на настаните. Тие три години т.е. од 2008 година можеа не вакви театри, туку цел град да изградат, но не изградија. Дваесет илјади метри квадратни со една подземна катна гаража кажува дека дилетантски е работено. Секој кој испитувал геолошки знаел дека тука има подземни води, рече Ќахил и праша зошто баш тука каде има подземни води почнала изградбата.

Слични содржини