Турција ги обнови барањата до Шведска и Финска

од Stefanija Kuzmanovska

Турскиот министер за правда Бекир Боздаг денеска изјави дека земјата ги обновила барањата до Шведска и Финска за екстрадиција на лица кои ги смета за терористи, откако тие земји постигнаа договор за кандидатурата на нордиските земји за членство во НАТО.

„Во рамките на договорот потпишан меѓу Турција, Шведска и Финска на последниот самит на НАТО, беше формиран надзорен комитет“, рече Боздаг во телевизиско интервју за Хабер Глобал, пренесува „Ројтерс“.

Во текстот потпишан минатата недела, Финска и Шведска се согласија „брзо и темелно да ги решат турските барања за депортација или екстрадиција на осомничени за тероризам во согласност со Европската конвенција за екстрадиција“.

„Следствено, денеска обновивме некои барања кои претходно беа одбиени и потсетивме за некои барања на кои не беше одговорено“, рече Боздаг.

Турција се спротивстави на обидите на Шведска и Финска да се приклучат на НАТО поради, како што вели, поддршката за курдските милитанти и другите што ги смета за терористи, како и поради ембаргото за оружје и неисполнетите барања за екстрадиција.

Минатата недела, трите земји потпишаа договор Анкара да ја укине својата блокада, додека земјите кандидати ветија дека нема да ги поддржуваат курдските милитантни групи Курдистанската работничка партија (ПКК) и сириската курдска милиција (ИПГ) или мрежата со седиште во САД на свештеникот Фетула Ѓулен.

Слични содржини