Турција: Навредливите карикатури на Мухамед се користат за заплашување на муслиманите

од Vladimir Zorba

Официјален претставник на турското претседателство во неделата изјави дека „навредливите карикатури“ на пророкот Мухамед се користат за заплашување на муслиманите во Европа под изговор на слобода на говор, додека тензиите меѓу Анкара и Париз растат.

Портпаролот на турското претседателство Фахретин Алтун ја обвини Европа за демонизирање на муслиманите, како што беше случај со Евреите во дваесеттите години од минатиот век.

„Подмолната политика на навредливи карикатури, обвинувањата дека муслиманите се одговорни за сепаратизмот и претресот по џамиите немаат никаква врска со слободата на говорот“, напиша тој на Твитер на англиски јазик.

„Овде станува збор за заплашување на муслиманите и за потсетување дека тие се многу добредојдени кога станува збор за придонес во европската економија, но во исто време тие никогаш нема да станат нејзин составен дел“, додаде тој, ја цитира „Хина“.

Тој рече дека таквиот став кон муслиманите е „многу познат“ од порано и дека тој потсетува на „демонизацијата на европските Евреи во дваесеттите години од минатиот век“.

Неговите забелешки дојдоа откако Франција го повика на консултации својот амбасадор во Турција, по многу острите коментари на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во саботата против францускиот претседател Емануел Макрон во врска со аферата со карикатурите на Мухамед.

Претседателот Ердоган го доведе во прашање „менталното здравје“ на францускиот претседател и го советуваше да се лекува.

„Исламот и исламизмот“

Оддавајќи му почит на професорот Самуел Пати, кого исламист го обезглави откако им покажа на студентите карикатури на Мухамед на час за слободен говор, Макрон рече дека нема намера да се „откаже од карикатурите“ на пророкот Мухамед.

„Некои европски лидери денес не „целат“ само муслимани. Тие исто така ги напаѓаат нашите вредности и нашите свети текстови, нашиот пророк и нашите политички лидери, всушност, нашиот начин на живот“, додаде Алтун.

Тој посочи дека Европејците досега морале да разберат дека „Муслиманите нема да заминат затоа што вие не нè сакате. Ние нема да го свртиме другиот образ кога ќе нè навредувате, туку ние ќе се браниме себе и онашто е наше по секоја цена“.

Францускиот државен секретар за европски прашања Клемент Боун во неделата на „Форум ради“о ја осуди „желбата на турскиот претседател Реџеп Ердоган за дестабилизација“. Тој рече дека Ердоган „се претставува како заштитник на муслиманите на целосно инструментализиран начин“.

Боун ја повика јавноста да престане да биде „наивна“ кога станува збор за Турција, на начинот на кој „бевме наивни во Европа во последните петнаесет години“.

Тој смета дека „не случајно по валканиот напад врз учителот среде Париз на 16 октомври, поради прикажувањето на карикатурите на Мухамед, немаше официјална осуда од Анкара“.

Боун верува дека Ердоган сака „да го искористи овој драматичен настан за да го потенцира следново: „Франција се бори против муслиманите“, сè за да ги натера луѓето да ги мешаат исламот и исламизмот“.

Тој додаде дека верува оти Ердоган се обидува да „одржи деструктивна двосмисленост, со намера да ги збуни луѓето со поимот борба против исламизмот, што неуморно ја водиме, со наводната борба против исламот и муслиманите, што воопшто не постои“.

Слични содржини