Турција се повлече од договорот за заштита на жените од насилство

од Stefanija Kuzmanovska

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган одлучи да се повлече од меѓународниот договор за заштита на жените, и покрај повиците на активистите кои сметаат дека документот е клучен инструмент во борбата против растечкото семејно насилство.

И покрај тоа што во изминатата година има зголемување на семејното насилство во Турција, официјална Анкара одлучи да се повлече од договорот кој е под покровителство на Советот на Европа во Истанбул и потпишан од Турција во 2011 година, пренесува „Ројтерс“.

Истанбулската конвенција од 2011 година налага владите да донесат закони со кои се казнува семејното насилство и слично злоставување, како и брачното силување и осакатувањето на женскиот полов орган.

Оддалечување на Турција од европските вредности

„Правата на жените се загарантирани со нашите закони, пред се со Уставот. Нашиот судски систем е доволно динамичен и силен за да примени нови законски мерки кога е потребно“, рече турскиот министер за семејство, труд и социјална политика Зехра Зумрут, без да ги прецизира причините поради кои Турција одлучи да се повлече од меѓународниот договор.

Сепак, турските конзервативни кругови, кои се противат на родовата еднаквост, сметаат дека меѓународниот договор ја поткопува структурата на семејството, го охрабрува насилството и дека ЛГБТ заедницата ја користи идејата за еднаквост за да добие поголемо прифаќање во општеството, пишува Al Jazeera English.

Критичарите предупредуваат дека овој потег на официјална Анкара дополнително ќе ја оддалечи Турција, која се стреми да влезе во ЕУ, од европските вредности.

Опозициската партија ЦХП го критикуваше овој потег.

Слични содржини