Туск: Одлагање на Брегзит само ако се ратификува договорот за повлекување

од Vladimir Zorba

Претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск попладнево изјави дека е можно „кусо одлагање“ на повлекувањето на Велика Британија, но само под услов британскиот Парламент да го ратификува договорот за Брегзит, кој веќе двапати го отфрли. – Кусо одлагање е можно, но ќе биде условено со позитивно гласање за договорот за повлекување, изјави Туск.

Британската премиерка, Тереза Меј најави денеска во Лондон дека побарала од земјите членки на Европска унија да одобрат одлагање на повлекувањето на Велика Британија од ЕУ до 30 јуни. Формално, Лондон треба да ја напушти Унијата за девет дена според утврдениот календар, што би значело Брегзит без договор и голема економска и политичка неизвесност за континентот и за Британците.

– И покрај тоа што надежта за конечен успех се чини кревка, дури илузорна, и покрај тоа што заморот од Брегзит е сѐ повидлив и пооправдан, не можеме да се откажеме од барање позитивно решение до последен момент, заклучи Туск.

Лидерите на ЕУ утре и задутре ќе го одржат редовниот пролетен самит, иако се предвидени голем број точки на агендата, нема сомнеж дека Брегзит ќе ги монополизира дебатите.

Слични содржини