Актуелно
Почетна / TOP NEWS / „Твитер“ заинтересиран за купување на „ТикТок“

„Твитер“ заинтересиран за купување на „ТикТок“

„Твитер“ стапил во контакт со кинеската компанија „БајтДенс“, сопственик на „ТикТок“, за да изрази интерес за преземање на американските операции и апликацијата за видео-споделување, пренесува Ројтерс, повикувајќи се на извори запознаени со ситуацијата, додека експертите изразија сомнеж за можноста на „Твитер“ да ги собере потребните средства за потенцијален договор.

Далеку од сигурно е дека „Твитер“ ќе може да го надмине „Мајкрософт“ и да направи ваков договор во рок од 45 дена, што американскиот претседател Доналд Трамп му го даде на „БајтДенс“ да постигне договор за продажба, тврдат извори на Ројтерс.

Веста дека „Твитер“ и „ТикТок“ се во прелиминарни разговори и дека „Мајкрософт“ сè уште е лидер во трката да ги преземе американските операции на таа апликација, претходно беше објавена во „Вол Стрит Журнал“.

„Твитер“ има пазарна вредност од околу 30 милијарди американски долари, што е скоро идентично со проценетата вредност на средствата на „ТикТок“ што треба да се преземат, што, според изворите, значи дека Твитер би требало да собере дополнителен капитал за финансирање на договорот.

„Ќе биде тешко на „Твитер“ да собере доволно средства за да се здобијат барем со акции на американскиот „ТикТок“. Нема доволно капацитет за позајмување“, рече Ерик Гордон, професор на Универзитетот во Мичиген.

Според него, ако „Твитер“ се обиде да собере група на инвеститори, условите ќе бидат тешки.

Тој наведува дека акционерите на „Твитер“ можеби претпочитаат менаџментот повеќе да се фокусира на постојниот бизнис.

„ТикТок“ беше нападнат од американската администрација поради загриженоста во врска со националната безбедност и во врска со прибирањето податоци.

Претходно оваа недела, Трамп воведе санкции за кинеските сопственици на апликациите „ВиЧет“ и „ТикТок“, што дополнително ги влошува тензиите меѓу двете земји.

Трамп оваа недела рече дека ќе ги поддржи напорите на „Мајкрософт“ да ги купи американски операции на „ТикТок“, доколку американската влада добие „значаен дел“ од тоа.

„Мајкрософт“ објави дека целта е да завршат преговори за договорот до средината на септември.

loading...