Уапсен и затворен побегнатиот заменик-лидер на „Златна зора“

од Stefanija Kuzmanovska

Побегнатиот заменик-лидер на грчката крајно десничарска партија „Златна зора“ беше однесен во затвор денес, неколку часа откако беше уапсен од полицискиот оддел за антитероризам.

Христос Папас, 59-годишен поранешен пратеник, беше во бегство скоро девет месеци, откако му се изгуби трага пред судската пресуда со која беше осуден на 13 години затвор за учество во таа екстремистичка организација, пренесува агенцијата АП.

Папас беше уапсен доцна синоќа во приземниот стан во предградие на Атина, заедно со 52-годишна жена, обвинета за помагање на бегалец.

По краткото појавување пред судот, полицијата го однесе Папас во затвор со висока безбедност во централна Грција.

Папас и уште 56 члена на „Златна зора“ беа осудени минатиот октомври, вклучувајќи го и лидерот на партијата, Никос Михалоjакос и други поранешни пратеници.

По петгодишно судење, судот пресуди дека партијата „Златна зора“ дејствувала како криминална организација, одговорна за смртоносното прободување на грчкиот рап-пејач Павлос Фисас во 2013 година, како и за тепањето на египетските рибари во 2012 година и левичарските активисти во 2013 година.

За Папас се вели дека се криел во „една православна земја на Балканот“.

Слични содржини