Уапсен нов осомничен за убиството на новинарката Маринова

од desk2

Во Германија е уапсено лице осомничено за силување и убиство на новинарката Викторија Маринова (30), соопштија денеска бугарските власти.

Бугарскиот државен обвинител Сотир Цацаров го потврди апсењето на Северин Красимиров, бугарски државјанин, но не сакаше да изнесува детали.

Министерот за внатрешни работи Младен Маринов соопшти дека иследниците нашле ДНК докази на облеката и телото на новинарката која беше убиена во саботата во северниот бугарски град Русе.

– Постојат физички докази за поврзаност со убиството, рече Маринов.

Красимиров, кој е жител на градот Русе, има криминално досие поради кражба на метален отпад.

Маринов додаде дека иследниците разговарале со семејството и пријателите на убиената новинарка и оти „нема очигледна поврзаност со нејзината работа“.

Маринова беше новинарка и уредничка на бугарската телевизија ТВН и известуваше за истрага за наводна корупција поврзана со фондови на Европската унија.

Бугарското обвинителство  соопшти дека покренало истрага врз основа на сомнежи за злоупотреба на фондови на ЕУ, додека полицијата го истражува убиството на Маринова.

Маринова минатиот месец водеше емисија за двајца истражувачки новинари кои биле уапсени поради нивната работа на наводи за проневера на фондови на ЕУ.

Бугарската полиција вчера приведе осомничен Романец во врска со убиството на Маринова, но потоа соопшти дека тој ќе биде ослободен и против него нема да биде поднесено обвинение.

Слични содржини