Уапсен осомничениот за организирање на атентатот врз претседателот на Хаити: Сакал да го заземе местото на Моиз?

од Stefanija Kuzmanovska

Хаитската полиција во неделата објави дека уапсила еден од осомничените организатори на атентатот врз претседателот Жовенел Моиз, а станува збор за државјанин на Хаити во кого властите се сомневаат дека тој ангажирал платеници за да го извршат атентатот и дека имал намера да го замени Моиз на местото на шеф на државата.

Моиз беше убиен во средата во неговиот дом во главниот град Порт-о-Пренс, а властите наведуваат дека во атентатот учествувале 26 Колумбијци и двајца Американци од Хаити, потсетува „Ројтерс“.

Директорот на полицијата, Леон Шарл, на прес-конференција рече дека уапсен е Кристијан Емануел Санон (63), кој на почетокот на јуни со приватен авион дошол на Хаити, придружуван од изнајмено обезбедување и сакал да стане претседател.

Директорот не навлезе во детали за мотивите на Санон, освен што рече дека се политички мотивирани, додавајќи дека еден од претходно уапсените за учество во атентатот го контактирал по апсењето.

Потоа, Санон контактирал со другите двајца организатори на убиството.

Јавните податоци покажуваат дека човек чие име и презиме е исто како на Санон работел како лекар на Флорида, но сè уште не е јасно дали станува збор за истиот човек.

Исто така, не е јасно зошто Санон би сакал да го собори Моиз, чие убиство е последно во низата проблеми во таа земја, која веќе побара меѓународна помош, додава „Ројтерс“.

Вашингтон го одби барањето на Хаити да испрати трупи до нив, иако висок американски официјален претставник во неделата рече дека ќе испрати технички тим за проценка на ситуацијата.

Пет Колумбијци се во бегство, а тројца се убиени за време на апсењето.

Слични содржини