Уапсен поранешниот градоначалник на Екатеринбург: Обвинет е за дискредитација на руската армија

од Stefanija Kuzmanovska

Поранешниот градоначалник на Екатеринбург, Евгениј Роизман, е приведен во рамките на кривичната постапка поради дискредитација на руската армија, пренесува ТАСС, повикувајќи се на безбедносните служби на овој регион.

„Роизман е приведен утрово, полицијата дошла кај него дома. Против него е покрената кривична постапка поради дискредитација на руската армија“, изјавил извор за руската агенција.

Неговата адвокатка Јулија Федотова за ТАСС изјави дека не може да ја потврди информацијата, бидејќи и самата дознала за апсењето од медиумите.

Судот во Екатеринбург го казни Роизман три пати оваа година за дискредитација на вооружените сили на Русија на социјалните мрежи и за непочитување на властите, потсети ТАСС.

Роизман беше градоначалник на Екатеринбург од 2013 до 2018 година, а „Ројтерс“ известува дека тој е еден од неколкуте критичари на Кремљ кои освоија градоначалнички позиции на изборите по серијата големи демонстрации на опозицијата во 2012 година.

Слични содржини