Убиена сексуална работничка ќе добие улица во Брисел

од Nikola Popovski

Бриселските градски власти објавија дека една улица ќе го носи името на убиената сексуална работничка од Нигерија, Енис Осајанде, објави денеска британската телевизиска мрежа Би-Би-Си.

Енис Одајанде беше избодена до смрт од нејзиниот клиент во јуни 2018 година. Таа дошла во главниот град на Белгија во 2016 година во потрага по работа и посветла иднина.

Таа верувала дека човекот што ја донел е филмски агент и дека ќе ја направи филмска sвезда, но всушност, тој бил трговец со луѓе.

Кога пристигнала во Брисел, веднаш била принудена на проституција. На шверцерите што ја донеле им должела 45.000 евра.

Пред убиството, таа пријавила во хуманитарна организација дека трпи насилство и закани на работа. Се плашела да оди во полиција бидејќи била илегален мигрант без документи.

Таа била избодена 17 пати, а тогаш имала само 23 години. Нејзината смрт предизвика протести на мигрантските сексуални работнички. Во тоа време, тие побараа подобри услови за работа и подобра законска регулатива за нивната позиција од локалните власти.

Проституцијата не е нелегална во Белгија, но нема јасна правна рамка околу тоа.

Градските власти додаваат дека со именувањето на новата улица по Енис Осајанде сакаат да го свртат вниманието на сите „заборавени жени кои се жртви на трговија со луѓе, сексуално насилство и фемицид“.

Слични содржини