Убиениот Србин во Чикаго е поради етничка омраза, повреденa и девојка од Македонија (ВИДЕО)

од Milan1

Српските медиуми објавија нови детали за вчерашното убиство на Србинот Никола Мишовиќ (30) во предградието Бур Риџ во Чикаго, при што и напаѓачот Џереми Спајсер (31) од Арканзас се самоубил, а една девојка е повредена и згрижена во болница.

Порталот се повикува на изјави од сведоци кои присуствувале на местото во моментот на убиството кои тврдат дека „мотивите за злосторството биле етничка омраза“.

Имено, убиецот ден пред убиството се вработил во фирмата на сега убиениот Никола Мишовиќ, а пред тоа работел како возач во фирмата „Форс“, чиј сопственик е Македонец и која се наоѓа во истата зграда.

Меѓутоа, поради многуте Срби кои ги среќавал во зградата, тој бил убеден дека фирмата е српска, а пред да пука во Никола викал по ходниците „Мразам Срби! Сите вие сте иста го**а“, пишува порталот „Србија Тајмс“ повикувајќи се на изјави на сведоци кои биле во зградата за време на убиството.

Убиецот тој ден многу чудно се однесувал и во комуникацијата со колегите зборувал многу лоши работи за Србите, по што го паркирал камионот и упаднал во канцеларијата. Откако го убил Мишовиќ, тој не запрел, туку крвавиот пир го продолжил во компанијата „Форс“ од каде претходно е отпуштен и таму пукал во девојката која моментално е во болница.

Повредената девојка е Ана Бранковиќ Јовановиќ (31) од Скопје која пред неколку години замина да работи во Соединетите Американски Држави.

На социјалните мрежи се појави апел за донации во кој, како што пишува, девојката била жртва на вооружен напад на работно место од страна на вработен и повредена е на три места.

„Погодена е на три места, во рамо, колк и во нога. До сега успешно ѝ се направени две операции и следува подолг период на рехабилитации и оздравување. Ни треба вашата помош за да можеме ги подмириме болничките трошоци. Ви благодариме“, стои во повикот за донации.

Инаку веднаш по пукањето, убиецот Џереми Спајсер побегнал од местото, но полицијата која го блокирала целиот кварт успеала да го пронајде во блиската уличка Медисон. Тој бил опколен и повикан да се предаде, но пред очите на полицајците се застрелал во главата.

Порталот објави дека животот на младото момче од Крагуевац би можелo да биде спасенo ако побрзо реагирала итната служба. Имено, амбулантното возило стигнало на местото 35 минути по пукањето, а момчето починало подоцна во болница.

Американските медиуми не излегоа со толку детали за убиството во Чикаго. Дури и за девојката објавија дека не знаат точно во каква здравствена состојба е, туку само информираа дека е пренесена на лекување во болница и дека не е критично повредена. Нејзиниот идентитет не беше споменат, туку само дека нејзината изјава би можело да ги разјасни случувањата во транспорната компанија во Бур Риџ.

Слични содржини