Учениците и студентите од Македонија и Хрватска со еднакви услови за школување во двете земји

од Илинка Илиоска
103 прегледи

Македонија и Хрватска ја зајакнуваат својата соработка во областа на образованието и науката со нова четиригодишна програма, која денеска ја потпишаа министерката за образование и наука на Македонија, Весна Јаневска, и министерот за образование, наука и млади на Хрватска, Радован Фукс. Оваа програма има за цел да ги направи образовните системи на двете земји подостапни за граѓаните.

„Со оваа спогодба, учениците од Македонија и Хрватска ќе имаат можност да се школуваат во друга држава под истите услови како и домашните ученици. Ова е голем чекор напред кон интеграција и размена на знаења меѓу нашите две земји,“ изјави министерката Јаневска по потпишувањето на договорот.

Новата програма, исто така, ќе овозможи изедначување на школарината за студентите на високото образование, додека посебен акцент ќе биде ставен на унапредувањето на изучувањето на македонскиот и хрватскиот јазик. „Ќе продолжиме да доделуваме стипендии за напредни студии и да го поддржуваме зачувувањето на јазикот и културата на нашите народи,“ истакна Јаневска.

Министерот Радован Фукс нагласи дека соработката меѓу Македонија и Хрватска во областа на образованието датира од 1995 година и дека оваа програма е продолжување на долгогодишното партнерство. „Ќе поттикнеме размена на искуства и знаења за постигнување на високите европски образовни стандарди,“ рече Фукс, додавајќи дека програмата предвидува и поддршка во рамките на различни програми на Европската Унија и регионалната програма CEEPUS.

 

Слични содржини