Учесниците на косовските избори до сега казнети со 58 илјади евра

од Vladimir Zorba

Изборниот панел за поплаки и претставки (ПЗАП) при косовската Централна изборна комисија (ЦИК), од 25 септември, кога започна кампањата за изборите што ќе се одржат на 6 октомври, изрече казни за политичките партии во висина од 58.700 евра.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, највисока казна, во висина од 30 илјади евра, ѝ е изречена на партијата Српска листа (СЛ), поради објавување рекламен спот во кој Косово се прикажува како дел од Србија.

Шефот на Секретаријатот на ПЗАП, Муљ Деску во изјава за Радио слободна Европа информира дека, до вчера, освен СЛ, казнети се и Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) со 14.100 евра, Демократската партија на Косово (ПДК) со 6.100 евра, коалицијата Алијанса за иднината на Косово (ААК) – Социјалдемократска партија (ПСД) со 6.000 евра и коалицијата Социјалдемократска иницијатива (Нисма) – Алијанса ново Косово (АКР) со 2.500 евра.

Kазните, според Деску, се изречени заради истакнување изборни плакати на јавни места, за употреба на деца во кампањата, притисоци врз гласачите да гласаат одредени субјекти, користење на јавни позиции со цел добивање гласови, користење на говор на омраза, поставување штандови со пропагандни материјали на јавни места, дистрибуција на видео-материјали низ социјалните мрежи и друго.

На предвремените парламентарни избори во Косово учествуваат 25 политички субјекти, од кои 20 партии, четири кoалиции и еден независен кандидат.

За 120 места во косовскиот Парламент се натпреваруваат 1.068 кандидати.

Официјалната изборна кампања трае десет дена, започна на 25 септември и ќе заврши в петок, на 4 октомври, на полноќ.

Слични содржини