Училиштата подготвени: Ќе има различно време за влез и излез, дежурни наставници и редарска служба

од Берта Китинска

На само една недела пред стартот на новата учебна година наставниците и училиштата забрзано се подготвуваат за постапување по протоколите за настава со физичко присуство. Властите смируваат дека нема потреба од паника бидејќи начинот на наставата ќе може во секој момент да се смени во согласност епидемиолошката состојба.

Основните училишта стартуваат со полн капацитет

Од општина Карпош во изјава за „Локално“ велат дека основните училишта стартуваат во новата учебна година со полн капацитет, со физичко присуство за сите одделенија.

-Општината веќе спроведе целосна дезинфекција во сите десет основни училишта на своја територија. Ќе се почитува Протоколот пропишан од Комисијата за заразни болести и планот за организација на наставата. Уште првиот ден учениците ќе бидат запознаени со упатствата за безбедност при наставата, со пропишани насоки за движење, со начинот на користење тоалети, со посочени влезови и излези во училиштето. Ќе има различно време за влез и излез (според распоред) на секое одделение, дежурни наставници, а на влезот ќе им се мери температура која не смее да надминие 37,3 степени. Над тоа децата се враќаат дома, велат од општината, додавајќи дека е обезбедена и целодневна настава и продолжен престој, а во училиштата ќе има и редарска служба .

-Забранет е влез во училиштата на родителите, освен оние кои имаат деца со посебни образовни потреби. На повеќе места ќе има средства за дезинфекција, а по завршување на часот и пред влегување на друго одделение клупите ќе бидат поминати со средство за дезинфекција. Нема да биде дозволено мешање на ученици, објаснуваат од Карпош.

Протоколот не е врзан со бројот на ученици

Од општината напоменуваат дека училиштата ќе работата по веќе изработено календар за организација и работа.

-Според него учебната година започнува на 1 септември 2021, а завршува наставната на 9 јуни 2022, а учебната на 31 август 2022. Часот ќе трае 40 минути, големиот одмор 15-20 минути, а меѓу часовите одморите ќе бидат по 5 минути, колку да прејдат од една во друга училница. Децата, доколку е убаво времето одморот ќе го користат во училишниот двор и не ќе биде дозволено излегување надвор од дворот на училиштето,Протоколот не е врзан со бројот на ученици, односно класовите може да имаат од 20 до 30 ученици, како што е дозволено со Законот за основно образование и нема потреба од ангажирање дополнителн кадар, но не смее да има мешање на одделенија, додаваат од општината.

Годинава онлајн настава ќе може да следат деца со ретки болести, односно сите кои имаат медицински причини кои имаат потврда од матичен лекар ( со севкупна документација) воедно и учениците кои ќе бидат позитивни или имаат некој челн од семејството во самоизолација ќе може да се вклучуваат на часот онлајн во исто време и ја следат наставата како и другите.

Едни се радуваат, други негодуваат

Децата треба да тргнат на училиште, смета Ана Цветковска мајка на две деца од Скопје.

-Сметам дека училиштата ќе можат да ја организираат наставата. Ќе се воспостави ред. Многу е битен социолошкиот аспект.На децата им фалат наставниците и другарите. Предолго трае оваа ситуација за да чекаме погодно време за да се вратиме во нормала, треба да се прилагодуваме на новонастанатата ситуација да се внимава повеќе на хигиената, вели Цевтковска.

Анита Христовска пак смета дека во овој момент според епидемиолошката состојба најдобор е децата да бидат онлајн.

-Не би ги пуштила децата во пикот на пандемијата во затворени простории. Со по 1.000 заразени од ковид дневно, нема шанси, зар треба експерименти пак да правиме, коментира Христовска.

Ќе се санкционира несоодветно однесување на учениците на часовите

Од Независниот синдикат за образование и наука велат дека стојат на ставот дека постои голем ризик за ширење на ковид 19 во училиштата, земајќи ја во предвид моменталната епидемиолошка слика.

-Поради тоа сметаме дека хронично болните лица вработени во воспитно образовните установи мора да бидат ослободени од работните активности кој секојдневно се во контакт со многу лица. Во учебната 2020/2021, дел од директорите, општинските власти и МОН покажаа несовесно однесување кон дел од просветните работници со тоа што не им го исплатија додатокот на наставниците кои работеа со двојно зголемен фонд на часови. Земајќи ја во предвид досегашната пракса, кај голем дел од вработените во секторот образование постои недоверба во институциите по однос на менаџирање на воспитно образовниот процес во услови на пандемија.

Училиштата и МОН е потребно да ангажираат дополнителен кадар на местото на хронично болните работници со цел заштита на здравјето на истите, сметаат од НСОН.

За воспоставување на контрола и целосно почитување на протоколите за време на часот од страна на учениците од синдикатот напоменуваат дека ќе биде потребно сите просветни работници максимално да ги користат законските норми за санкционирање на недисциплината и несовесното однесување на часот.

-НСОН активно работи со сите членови да ги запознае со законите и правата кои ги имаат просветните работници со цел да санкционираат несоодветно однесување на часот како и нивната непречена примена, посочуваат од синдикатот.

Од НСОН гласно тврдат дека повторно ќе застанат во одбрана на правата на вработените во секторот образование доколку истите бидат нарушени во новата учебна година.

-Останува да ја почекаме финалната одлука за начинот на кои ќе се одвива наставата во учебната 2021/2022 година. Согласно програмата за работа во учебната 2020/2021 година и како резултат на истата, во повеќе наврати беа погазени работничките права на просветните работници за што НСОН, односно членовите на НСОН организираа повеќе синдикални активности (синдикални протести) на кои јавно го искажаа незадоволството. Во новата учебна година, НСОН повторно ќе застане во одбрана на правата на вработените во секторот образование доколку истите бидат нарушени, а воедно се надеваме дека поголемиот дел од вработените во секторот образование ќе се охрабрат и придружат во НСОН, како и во одбрана на правата и достоинството на просветните работници, тврдат од НСОН.

Б.М.

 

Слични содржини