Скопската зоолошка градина денеска информира дека во вторникот (11.02), во живеалиштето на берберски овци при редовна утринска контрола пронашле угинати животни, кои немаат видливи знаци на повреди, ниту пак претходно покажале знаци на болест. Како што велат, веднаш биле повикани инспектор од Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) и стручни лица од Факултетот за ветеринарна медицина, кои направиле целосен увид на лице место и ја отпочнаа постапката за обдукција на угинатите единки.
-Причината за смртта ќе биде соопштена кога ќе бидат направени сите анализи и ќе ги добиеме резултатите од обдукцијата, додаваат од ЗОО Скопје.
Сепак, се сомневаат дека станува збор за труење од гранки од растението тиса (taxus baccata) кое може да биде отровно за животните.
-Нашата установа редовно и транспарентно известува за сите случувања, а доколку се случи немил настан, веднаш ги известуваме сите надлежни институции со цел брзо постапување и откривање на причините, потенцираа од Зоолошката градина.
Од ВМРО-ДПМНЕ минатото лето обвинија дека во последниве две години за време на раководењето на градоначалничката Данела Арсовска се сменија неколку директори и од најпосетувана, Зоолошката градина стана место каде угинаа 40 егзотични животни под неразјаснети околности.
Во 2023 година во Зоолошката градина Скопје угинаа осум животни. Во мај угина жирафата Каспер, додека крајот на ноември 2023, угина и жирафата Флопи. Според извршената обдукција, Каспер, жирафа стара 13 години, угинала како последица на инфекцијата од бактеријата салмонела естеридис. Флопи, починала како последица на малиген тумор на епителот на жолчните канали во црниот дроб и метастази на белите дробови.
Угинале и тигрица, лемури, прежевалски коњи, црн лебед, пинвини, џуџеска коза… ЗОО Скопје во 2024 година го изгуби статусот на членка на Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми.