Угостителите се жалат: „За персонал без искуство се снаоѓаме, но за искусен кадар е многу потешко“

од Nikola Popovski

Угостителските објекти во земјава, имаат сериозен недостаток на кадар, од кој зависи нивното работење и опстојување. Пандемијата затвори многу локали, но исто така натера и голем дел од персоналот да ја променат својата професија, односно да станат гипсери, монтери, да работат во транспортот или градежништвото или да заминат во странство.

Официјалната статистика покажува дека е минимално намален бројот на работници во угостителската дејност, односно околу 400 лица, но неодамнешната анкета на Стопанската комора покажува дека падот на бројот на вработени е од 50 до 80 отсто во зависност од објект до објект.

Во потрага по одговори дали угостителските објекти навистина имаат проблеми во пандемијата, редакцијата на „Локално“ стапи во контакт со неколку локали. Сопственик на кафеана од Скопје ни одговори дека имаат голем проблем да најдат персонал за работа и дека секоја година е се полошо и полошо.

На прашањето дали би понудил поголеми дневници за да привлече кадар, тој одговори потврдно,но, во рамките на можностите.

„Секој ќе ви каже свое. Mора да се покачат дневниците, за да ги задржиш. Принуден си да ги кренеш цените. Се плашам дека може да дојде време кога кафеаната ќе биде голем лукзуз, ако вака продолжи овој тренд. Дополнително на ова се и поскапувањата на производите. Сите артикли се покачени, алкохол, зејтин… Скоро се е поскапено“, вели угостителот.

Тој додава дека поради финансиските загуби е во план да ги зголеми цените во својата кафеана.

„Размислувам да. Цените најмногу се креваат затоа што се кренати сите други цени. Еве сега велат и струјата ќе поскапи, горивото исто така. Нормално е да ги цените на угостителските услуги, плус и тоа што нема персонал.  Се е поврзано“, потенцира сопственикот.

На прашањето зошто огласите за вработување се преполни со понуди за работа за шанкери, готвачи, салатери, келнери, но работници со искуство и квалификација се јавуваат во мал број, угостителот вели дека скоро и да нема квалификуван персонал за работа.

„Подобрите сите заминаа. Имаме и ние огромна грешка како сопственици на угостителски објекти, во последните 7-8 години, малку се исплаќаше кадарот за работа, иако и вработените можам да кажам дека не сакаат да работат или сакаат лесни пари“, вели тој и додава дека доколку државата им помогне би размислиле за увезување на работна сила од странство.

„Во спротивно нема на кој начин. Засега ние и немаме некаква допирна точка со тоа. Ако има потреба би го направиле. За да увезеш персонал од надвор, е голема работа. Нивото на држава е слабо. Од каде ќе треба да увеземе? Од Африка или не знам од некои посиромашни делови на светот? Сигурно нема да дојдат од Србија или Хрватска, Албанија и Бугарија“, смета угостителот.

Околу цените на платите на келнерите, сопственикот на кафеаната вели дека се движат од 23 до кај 26 илјади денари, а за готвач над 35-40 илјади денари.

„Зависи од видот на готвач, кој ресторан, дали е обична кафеана. Има некои земаат и над 60.000 денари, но тоа се професионалци. Според мене, засега добро се платени“, вели тој во изјава за „Локално“.

За разлика од него, сопственик на гостилница од Дојран во разговор за „Локално“ изјави дека со кадарот се исто како претходно.

„Немаме проблем со персонал, го задржавме истиот и сите се задоволни“, вели угостителот.

Во однос на тоа дали се потребни поголеми дневници, за да се привлече повеќе кадар, тој вели си ги плаќаат доволно вработените и дека немаат потреба да нудат поголеми дневници за да привлечат.

За тоа дали би ги зголемиле цените на своите услуги, од гостилницата додаваат дека засега цените се пристојни и дека не размислуваат за покачување.

На прашањето зошто работниците со искуство и квалификација се јавуваат во мал број, угостителот од Дојран ни изјави дека тоа е така затоа што сите се со факултет, 70 до 80 посто, и дека поради високото обраование одат во странските земји каде што работат за поголема плата.

Висината на платата на келнерите во Дојран, вели сопственикот на гостилницата, се движи од над 20.000 денари, додека за готвач е над 24.000 денари просечна плата.

„Сепак, тоа зависи од типот на готвач. Главен готвач може да зема и 5000 евра, а помошен може од 500 до 600 евра“, информира угостителот во изјава за „Локално“.

Дел од охридските угостители во разговор за „Локално“, велат дека не е баш лесно да се најде искусен кадар.

„За лица без искуство се снаоѓаме, но за искусен кадар е многу потешко“, изјави менаџер на еден кафе-бар од Охрид.

За разлика од нив, од кафе-барот Шила ни изјавија дека немаат проблем да најде персонал после пандемијата, затоа што го задржале претходниот.

„Истите вработени ни се“, вели менаџерот на локалот.

За дали размислуваат за поголеми дневници за келнерите, од таму додаваат дека „во секој случај, трошоците во сите сфери се покачени, така да мора да се покачат и дневниците, без разлика дали станува збор за стар персонал или нов“. Истото мислење го делат и од другиот кафе-бар од градот.

Околу нивното мислење за се помалиот број на квалификуван кадар што се пријавува за работа, од „Шила“ потенцираат дека тие како кафуле не бараат персонал со искуство.

„Веројатно таквиот кадар заминува во странство или во поголеми објекти кај нас, за поголема плата. Поголем дел од нив отидоа на Малта или во Хрватска, каде таму може да си го наплатат тоа што го вложиле тука во себе“, вели менаџерот.

И другиот угостител се сложува дека сите квалификувани кадри заминуваат во странство, најмногу во Хрватска и во Црна Гора.

„Засега не размислуваме за кадар од странство. Ако има потреба, ако сигурно дојде до такво нешто, ако немаме друг избор, би го направиле“, велат од локалот „Шила“.

На прашањето на нашата редакција за висината на платите, од двата угостителски објекти информираат дека келнерите земаат од 18.000 до 20.000 плус бакшиш.

„Готвачот може да зема до 35.000“, ни кажа менаџерот од охридскиот кафе-бар, кој сакаше да остане анонимен.

 

Угостителството до 2019 година беше една од трите најбрзорастечки индустрии во светот со годишен раст од над 10 отсто и во просек секој трет вработен работеше во овој сектор. Во 2020 година, пак, двете студии што ги направиле од Стопанската комора заедно со другите комори покажале дека имало пад на прометот во угостителството и туризмот и до 80 проценти.

„Ковид- пандемијата ги измени досегашните потреби во угостителската дејност за составот на работниот кадар кој им е потребен во процесот на работењето. Предизвикот на отворање нови работни места дефинитивно е заменет со предизвикот како да се задржат постојните и евентуално да се пополнат испразнетите места со соодветен кадар“, соопшти неодамна на прес-конференција Даниела Михајловска Василевска од Стопанската комора.

И додека едни го гледаат излезот во увоз на работа сила, други се обидуваат дома да го најдат решението со преквалификување, дообразување и насочување на кадрите со цел да се пополни празнината за работна сила. Стопанската комора најави програма за преквалификување од 50 до 100 лица за угостителскиот сектор. Комората подготви четири програми за двомесечни обуки за преквалификација и доквалификација за потребите на угостителскиот кадар за слаткар, готвач, пекар и келнер.

Н.П.

Слични содржини