Угостителски објекти во Тетово, Врапчиште и Гостивар работеле за време на полицискиот час

од Берта Китинска

Спроведени се 3.690 вонредни инспекциски надзори за почитување на мерките и препораките од Владата за спречување на ширење на корона вирусот од 4 до 11 месецов. Констатирано е дека и покрај забраната дел од угостителите ги отвораат објектите, има непочитување на мерките за лична заштита, како и лоши хигиенски услови во некои објекти.

Кафулиња

Од Инспекцискиот совет порачуваат дека постојните мерките се во сила се до нивно укинување и оти продолжуваат да го следат почитувањето на протоколите.

– Уредбите на Владата и одлуките за мерки за спречување  на внесување и ширење на корона вирусот  и за забрана и за посебен режим на движење  на територијата на државата, како и други препораки со кои се детерминираат одредени ограничувања за правните лица и за граѓаните остануваат во сила се додека стручните лица  не определат поинаку, порача на денешната прес-конференција претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска Грашкоска.

Таа потенцираше дека инспекциските служби  ќе продолжат да функционираат со полн капацитет  за заштита на населението од ширење на вирусот и за заштита на  правата на секој граѓанин.

– Во рамки на надлежностите, ќе го контролираме почитувањето на воспоставените протоколи за ред и дисциплина при извршување на определени активности на правните субјекти и ќе бидеме посветени храната, лековите и  сите останати средства и продукти, граѓаните да ги купуваат со соодветни цени  и со соодветен квалитет, рече Филиповска Грашкоска.

Таа апелира да се почитуваат мерките за  носење заштитна опрема за вработените во правните субјекти, но и за граѓаните кои ги посетуваат, како и мерките за дезинфекција  и хигиена и да се држи дистанца од два метри при извршување на која било активност.

Според статистиката за извршените контроли од 4 до 11 мај, инспекторите од Државниот пазарен инспекторат реализирале 2.221 инспекциски надзори во трговски објекти од големопродажба  и малопродажба. Притоа се затворени пет угостителски објекти во Кичево, Охрид, Тетово и Струмица. За објектите во Охрид и Струмица ќе следуваат и кривични пријави. Евидентирани се и пет прекршоци за непочитување на замрзнатите цени  и несоработка при надзорот во повеќе населени места и дополнителено се запечатени три кафемати во  Штип. При контролите во Виница , Кочани, Пробиштип, Делчево, Ресен, Прилеп, Кичево и во Скопје се евидентирани 18 прекршоци за  непочитување на одлуката  за лична заштита и еден прекршок  по одлуката за ред и дисциплина  пред и во трговските објекти.

– Покрај утврдените недоследности кај помал број  на правни субјекти најголем дел од деловните субјекти  ги почитуваат одлуките и препораките на  Владата, рече Филиповска Грашкоска.

И директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски апелираше да се почитуваат одлуките за забрана за работа се до официјално соопштување на најавените промени.

– Многу објекти се осмелија дури и во полициски час да отвораат и да се собираат луѓе. Се што правиме е за здравјето на луѓето. И синоќа и ноќта пред тоа затворавме објекти и во Тетово, Врапчиште и во Гостивар. Упатувам апел барем во полициски час да не доаѓа до тоа инспекторите кои се по цел ден на работа да бидат повикувани од полицијата за да затвораме објекти бидејќи, пред се, сите кои одат во такви објекти го загрозуваат и нивното семејство, рече Пауновски.

При спроведените 214 инспекции од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство, во маркети, угостителски објекти, пазари, месарници, производствени објекти, е издаден еден прекршочен платен налог заради промет за небезбедни производи, изречени се пет решенија за неспроведување на контрола против штетници  и заштита од нив, неводење записи или лоши хигиенски услови. Дополнително се изречени уште 12 мерки поради непримена на заштитните  мерки против корона вирусот  и неводење евиденција за добра хигиенска пракса.

Државниот инспекторат за труд, пак, го зголемил обемот на активности и реализирал 819 надзори, при што донел 11 решенија  и 389 укажувања  на работодавачи кои не постапиле  согласно препораките на Владата.

Државниот здравствен инспекторат спровел 184 инспекциски  надзори и издал 396 дозволи за транспортери за непречено спроведување на транспортот во услови на епидемија, а Агенцијата за лекови и медициснки средства направила 69 контроли  и констатирала дека нема специфични отстапувања.

Транспортниот инспекторат констатирал дека и натаму е редуциран меѓуопштинскиот сообраќај  и има целосен прекин на меѓуградските линии  од Скопје кон Охрид,  Битола, Ресен, Прилеп,  Пробиштип, Кратово,  Крива Паланка, Кочани, Берово,  и обратно. Се уште е во прекин и меѓуопштинскиот линиски превоз на патници на релација Скопје- Куманово и обратно  и Скопје- Тетово и обратно, како и меѓународниот линиски превоз.

Слични содржини