Украина: Две лица загинаа, а 29 се ранети во бомбардирање на Славјанск

од Stefanija Kuzmanovska

Најмалку две лица загинаа, а 29 се ранети во руско гранатирање во Славјанск во источна Украина, изјави регионалниот гувернер.

„Во Славјанск има двајца мртви и 29 ранети, оштетени се административни згради и канцеларии, како и пет згради и седум куќи“, наведе гувернерот Павло Кириленко на Фејсбук.

Тој рече дека руските сили го погодиле центарот на градот со две ракети С-300 околу 10:30 часот по локално време.

Гувернерот додаде дека бил погоден уште еден град во регионот Доњецк – Дружковка.

Тој рече дека две ракети С-300 погодиле сиропиталиште во тој град и речиси целосно го уништиле, а во тој напад немало жртви.

Украинскиот претседател Владимир Зеленски на социјалните мрежи напиша дека уште еден ден започнал со „тероризмот на Руската Федерација“ и дека „државата агресор го погодила градот Славјанск“.

„Непријателот треба да знае, Украина нема да ги прости страдањата наметнати на нашиот народ, нема да прости за загинатите и ранетите“, додаде Зеленски.

За руските сили, освојувањето на регионот Доњецк им е главен воен приоритет, а минатата година објавија дека го анектирале регионот, иако тој не е целосно под нивна контрола, наведува агенцијата „Франс прес“.

Слични содржини