Лидерите на земјите-членки на ЕУ во четвртокот во Брисел донесоа историска одлука да им дадат кандидатски статус на Украина и Молдавија и ветија европска перспектива на Грузија.
„Европскиот совет штотуку одлучи да им додели кандидатски статус на Украина и Молдавија. Историски момент, денес означува клучен чекор на вашиот пат кон ЕУ“, напиша претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел на Твитер.
Мишел, исто така, објави дека лидерите „ја препознале европската перспектива и подготвеноста на Грузија да и се додели кандидатски статус кога таа ќе ги реши преостанатите приоритети“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја поздрави одлуката, нарекувајќи ја „уникатен и историски момент во билатералните односи“.
Дваесет и седум лица ја донесоа одлуката на редовниот самит, а претходно во четвртокот пратениците од Европскиот парламент гласаа за одлуката.
Agreement. #EUCO has just decided EU candidate status to Ukraine and Moldova.
A historic moment.
Today marks a crucial step on your path towards the EU.
Congratulations @ZelenskyyUa and @sandumaiamd and the people of Ukraine 🇺🇦 and 🇲🇩
Our future is together.
— Charles Michel (@CharlesMichel) June 23, 2022
Одлуката официјално на Украина и Молдавија да им се додели статус на земја кандидат за членство во ЕУ на Твитер ја поздрави и шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Денес е добар ден за Европа“, напиша таа, честитајќи им на претседателите на Украина и на Молдавија.
„Вашите земји се дел од европското семејство. Денешната историска одлука го потврдува тоа“, напиша таа.
Украина поднесе барање за членство на 28 февруари, четвртиот ден од руската инвазија, по што Молдавија и Грузија тоа го побараа на 3 март.
Европската комисија минатата недела издаде мислење за трите барања и му препорача на Советот на ЕУ да ја потврди нивната перспектива. Оваа одлука ќе се донесе со согласност на Европскиот парламент.