Украина им забрани на функционерите да заминат на одмор во странство

од Nikola Popovski

Украинската влада им забрани на своите високи функционери и пратеници, вклучително и жени, да летуваат во странство за време на руската инвазија, поради неодамнешните скандали со украински функционери.

Одлуката на украинската влада, која беше усвоена во петокот, веќе стапи на сила, изјави за Франс прес, портпаролот на украинската гранична служба Андриј Демченко, додавајќи дека функционерите можат да заминат во странство како дел од официјална мисија.

Веднаш по почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година, Украина им забрани на мажите на возраст (18-60) да патуваат во странство, освен во ретки исклучоци за кои е потребна дозвола од претпоставените.

Со новата одлука, високите функционери ќе можат да одат на одмор во странство само доколку се во посета на своите деца или во случај на лекување или смрт на некој близок, рече Демченко.

Забраната важи и за жените високи државни службеници, како и за пратеници и локални функционери.

Одлуката е донесена откако медиумите објавија дека помошникот државен обвинител неодамна заминал на одмор во Шпанија. Алексеј Симоненко беше сменет од функцијата на 25 јануари, како дел од серијата отпуштања што ги иницираше претседателот Володимир Зеленски по случаите на корупција кои вклучуваат снабдување на војската.

На 26 јануари, членот на претседателската партија, Никола Тиченко, беше исклучен од пратеничката група на претседателската партија по патувањето во Тајланд.

Минатата недела медиумите ја обвинија поранешната премиерка Јулија Тимошенко дека го поминала својот одмор во луксузна вила во Обединетите Арапски Емирати.

Слични содржини