Украина: Најмалку 11 лица загинаа во напади со руски ракети и беспилотни летала

од Vladimir Zorba

Најмалку 11 лица загинаа, а 11 се повредени денеска во напади со руски ракети и беспилотни летала во десетина области на Украина, вклучително и Киев, изјави за украинската телевизија портпаролот на Украинската државна служба за итни случаи, Олександ Хорунжи.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко изјави дека едно лице загинало за време на нападот, што е прва жртва во руски напад во главниот град по новогодишната ноќ. Кличко изјави дека во денешниот напад на главниот град на Украина се повредени и две лица.

Шефот на градската управа во Киев, Сергеј Попко, изјави дека украинската противвоздушна одбрана денеска соборила 15 руски крстосувачки ракети, пренесе АП. Украинскиот министер за енергетика Херман Халушченко изјави дека енергетските постројки денеска повторно биле мета на руските сили и оти биле погодени некои енергетски објекти, што резултирало со прекини во снабдувањето со електрична енергија.

Последниот руски напад беше најсилниот од 14 јануари, а дојде еден ден откако Германија и САД ветија дека ќе испратат високотехнолошки борбени тенкови во Украина и ги овластија другите сојузници да го сторат истото, пренесе Танјуг.

Слични содржини