Украина разговара со САД за нова помош

од Radmila Tasevska

Главниот командант на украинските сили и највисокиот американски воен командант во Европа разговараа за можноста за нова помош за Киев, додека сојузниците почнуваат да ги обучуваат украинските војници да управуваат со тенкови кои треба да ја зајакнат одбраната на Украина.

Врховниот командант на украинската армија, генерал Валериј Залужњи, разговараше вчера со врховниот командант на европските комбинирани сили на НАТО, американскиот генерал Кристофер Каволи во пресрет на состанокот на министрите за одбрана на неколку земји од НАТО, кој ќе биде одржана денес. „Разговаравме за испорака на меѓународна воена помош за Украина и обука на нашите војници на територијата на земјите партнери“, рече Залужњи, како што е наведено во соопштението за печатот на украинското Министерство за одбрана.

Состанокот денес следи по конференцијата на 20 јануари во воздухопловната база Рамштајн во Германија, која беше клучна за одлуката за испраќање модерни тенкови во Киев, вклучувајќи ги американските тенкови М1 Абрамс, германските Леопард 2 и британските тенкови Челинџер 2.

Претседателот Володимир Зеленски и другите украински официјални лица оттогаш побараа од сојузниците да испратат борбени авиони и ракети со долг дострел за да се спротивстават на руската офанзива и да ја вратат изгубената територија, притискајќи го НАТО да покаже поддршка за Киев.

Вчера во Германија започна со обука на украински војници да управуваат со тенкови Леопард 2 во воената база во градот Минстер, каде што украинските војници веќе вежбаат на борбени возила на пешадија Мардер, кои исто така ќе му бидат предадени на Киев. Германскиот министер за одбрана Борис Писториус изјави дека 14 германски тенкови како и обучени украински екипажи треба да пристигнат во Украина на крајот на март или почетокот на април.

Полскиот претседател Анджеј Дуда вчера ја следеше демонстрацијата на вежбата Леопард 2 во воената база во Свиетошов во југозападна Полска, каде што украинските војници се обучуваат од полски, канадски и норвешки инструктори. „Веќе спроведуваме не само собирање на тие тенкови за Украина, туку и циклус вежби за украинските војници да бидат подготвени и способни да се спротивстават на рускиот напад“, рече Дуда, според транскриптот на веб-страницата на претседателот.

Една група украински сили во Британија вежба на тенкови Челинџер 2.

Слични содржини