Украинскиот дрес со Крим на градите ги налути Русите

од Vladimir Zorba

Украина денеска го претстави новиот дрес на фудбалската репрезентација во кој ќе настапи на Европското првенство кое започнува во петок, а дизајнот на дресот на кој се исцртани и границите на земјата, го вклучува и полуостровот Крим, што предизвика лутина кај Русија.

Традиционалниот жолто-син дрес содржи и бела линија што го означува обликот на земјата, вклучително и Крим, кој Русија го анектираше во 2014 година, но кој меѓународната заедница сè уште го смета за дел од Украина.

Исто така, на дресот се испишани паролите „Слава на Украина“ и „Слава на хероите“, што се традиционални воени поздрави.

„Веруваме дека силуетата на Украина ќе им даде дополнителна сила на играчите затоа што се бориме за целата земја“, рече претседателот на украинскиот фудбалски сојуз Андриј Павелко.

Претставникот на руската Дума, Дмитриј Свишчев, пак, го нарече дизајнот апсурден.

„Крим е составен дел на Русија веќе седум години. УЕФА треба силно да реагира на ова. Украина сè уште има време да создаде нов дрес на ЕУРО без политички пароли”, изјави Свишчев за руската национална телевизија.

Но, поранешниот функционер на Руската фудбалска федерација (РФУ) Анатолиј Воробјов верува дека УЕФА ќе реагира само во случај на официјална руска жалба.

„Не треба да се прават големи вести од она што се случи. Секој користи такви работи за да ги промовира своите политички ставови. Не сакам да звучам банално, но спортот треба да биде одделен од политиката. За жал, ова не е случај во овој момент“, рече Воробјов.

Украина ќе игра во групата Ц против Холандија во Амстердам на 13 јуни, и против Австрија и Северна Македонија во Букурешт на 17 и 21 јуни.

Слични содржини